Азески од Стопанската комора: Буџетот кој го креира владата е развоен
Во емисијата посветена на МРТ посветена на буџетот за 2025 година, на која учествуваат премиерот Христијан Мицкокски, министерката за финансии Гордана Кочоска Димитриеска и преставници на стопанските комори во Македонија, претседателот на Стопанската Комора, Бранко Азески истакна дека во Македонија гледа развоен буџет кој го креира Владата, наместо социјален буџет.
-Kонечно одиме кон таа работа, развоен буџет. Јас преставувам тука компании кои се моќни и финансиски консолидирани и они имаат потреба од раст, они се заинтересирани за нови инвестициони циклуси, а тоа со овој буџет го насетуваат дека ќе се случи. Второ, ние сите треба да бидеме максимално определени, и владата и бизнисот и сите чинители, дека отворање на нов инвестиционен циклус значи и подобар живот за граѓаните, фирмите, за државата, рече Бранко Азески.
Азески посочи дека патриотизмот се истакнува со тоа што ќе се учествува во креирање на додадена вредност , а тоа според него може да се постигне со зголемени капитални инвестиции, што може да се види и во новиот буџет.
-Дуплирана е ставката за економски политики преку министерството за економија која што минатата година беше 40, а оваа година е 80 милиони низ разни програми. 250 милиони евра одат во локалната самоуправа, 250 милиони евра ќе дојдат во бизнисот итн. Ова сето зборува дека конечно е свртена страницата и е трасиран патот за формирање на развоен, на местото на социјален буџет кој што 30 години го негувавме и не ни донесе раст поголем од 1,8%, дополни Азески.
Азески истакна дека растот на БДП во последниот квартал треба да ги обедини сите за да се создаде платформа за повисок раст на БДП за да се достигне цифра од 5 до 7% во неколку години по ред.
-Ако Владата е доследна и ги испочитува сите ставки во делот на отворање на нов инвестиционен циклус, ќе остане само едно прашање, а тоа е ветувањето дека 51% од градежните работи на големите проекти ќе бидат наши компании, со што ќе се поттикне растот на градежништвото кое што е моторна сила за растот на економијата и тоа ќе придонесе да влеземе во еден оптимизам кој досега го немавме, заклучи Азески.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа