Хрватска стана непријателска држава за Русија, па Милановиќ предупреди: Ова е опасна ситуација
Ние сме во непријателство со Русија, но не толку активно како другите земји, изјави денеска претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, откако руската влада објави дека ја вклучила Хрватска во списокот на непријателски земји.
„Не е воена состојба, но трае со месеци. Ние сме во непријателство со Русија. Во неа учествуваме не толку активно како другите земји кои де факто војуваат, за да не се лажеме себеси. Ова е многу опасна ситуација која се заканува да прерасне во нешто неразбирливо, се надевам дека не. Сега можам да се надевам, не можам ништо друго“, го коментираше Милановиќ последниот потег на Русија кон Хрватска, пренесе „Индекс“.
Руската влада ја додаде Хрватска на списокот на непријателски земји против кои се преземаат контрамерки, заедно со Словенија, Грција, Данска и Словачка, објави претходно денеска РИА Новости.
Хрватска и Словенија повеќе не можат да вработуваат локален персонал во нивните дипломатско-конзуларни претставништва, а Грција има ограничување од 34 лица, Данска 20, а Словачка 16 лица.
„Списокот одобрен од владата не е конечен и со оглед на продолжувањето на непријателските дејствија на странски држави насочени против руските мисии во странство, тој може да биде проширен“, се вели во соопштението на руската влада.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа