Израел жестоко ја нападна Сирија: Синоќа зададен најтешкиот удар од 2012 година
Израелски воени авиони доцна синоќа извршија жестоки напади врз воени позиции во сириските провинции Латакија и Тартус.
„Израелски воени авиони извршија напади насочени кон голем број локации, вклучително и единици за противвоздушна одбрана и складишта за ракети земја-земја“, соопшти Сириската опсерваторија за човекови права.
Од соборувањето на сирискиот претседател Башар ал Асад, израелските воздухопловни сили често вршат големи воздушни напади врз воени објекти во Сирија. Сириската опсерваторија за човекови права наведува дека синоќешниот напад на Тартус претставува „најтешкиот удар“ во областа во повеќе од една деценија, односно од 2012 година.
„Анадолу“ јавува дека особено силна експлозија е регистрирана во селото Хиресун во Тартус по еден од воздушните напади. На социјалните мрежи се појавија и снимки на кои се гледа моментот на силна експлозија.
Инаку, доцна синоќа е регистриран земјотрес и долж брегот на Сирија, што некои го припишуваат на израелските удари, пренесува медиумот.
Во 23 часот и 49 минути е регистриран земјотрес со јачина од 3,1 степени според Рихтеровата скала со епицентар на околу 28 километри од градот Баниас, објави израелскиот географски оддел за сеизмологија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа