Кешишев го смени исказот: Палчо не беше вмешан во убиствата, ми се заканија да го наместам
Обвинетиот Влатко Кешишев ја повлекол изјавата дека Љупчо Палевски бил присутен за време на убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Кешишев во изјавата која ја доставил преку затворот до судот навел дека Велибор Манев им вршел притисок да кажат дека Палчо е организатор и дека тој пукал. Манев наводно им се заканил на него и на Боре дека ќе ги здробат ако не кажат така.
На крајот од денешното рочиште на кое сведочеа тројца сведоци, судијата ја подели писмената изјава на Кешишев на адвокатите на сите обвинети.
Адвокатите не ја коментираа изјавата, само рекоа дека сите обвинети ќе се соочат еден со друг во текот на судењето и дека тогаш ќе се расчисти работата.
Во изјавата напишана на 18 ноември 2024 година, Кешишев навел дека Палевски на 22 и на 27 ноември 2023 година не бил со тројцата во Велес и во Скопје, туку дека спиел во штабот. Кешишев навел дека згрешил што го послушал Велибор и дека кажал невистина дека Палчо бил со нив.
Во изјавата Кешишев не навел ништо за мотивите на двете убиства, ниту за тој кој всушност пукал во Вања и во Панче.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа