Конференција на Македонците во Швајцарија: Поцврсто обединување на македонската дијаспора

 

На 4 мај во Тринген, во организација на Македонски Национален Совет, Швајцарија, се одржа голема историска конференција на сите македонски здруженија кои се активни во Швајцарската конфедерација.

На конференцијата учествуваа повеќе од 140 претставници од 40 здруженија, клубови, асоцијации, македонски училишта, како и трите македонски православни општини во Швајцарија.

Гости на конференцијата беа претставници од две македонски државни институции. Од Агенцијата за иселеништво гости беа директорот Горан Ангелов и Билјана Костова, раководител на сектор за одржување на врските со иселениците. Од Министерство за надворешни работи, присуствуваа Боро Мирчески, началник за дијаспора и Мелехат Муфтароска од сектор за дијаспора.

Конференцијата беше одржана со цел поцврсто обединување на македонската дијаспора од Швајцарија во едно претставничко тело (Македонски Национален Совет).

Се разговараше за можностите за соработка помеѓу здруженијата, предлози за реализирање на заеднички проекти, договарање на годишна агенда на настани, основање на Солидарен фонд за Македонија, решавање на проблемот со Македонската амбасада во Берн и петицијата иницирана од МНС, поголема соработка со македонските и со швајцарските институции.

Од страна на раководството на МНС: Илчо Китанов, Гонца Перунковска и Гордана Ѓуриќ, беше презентиран Статутот, досегашните активности, како и идни проекти на Советот.

Поддршка за раководството даде и претходниот претседател на МНС, Златко Николовски.

Претставниците на здруженијата во богата дискусија ги истакнаа своите проблеми и потреби, изнесувајќи свои предлози и стратегии за продлабочување на соработката. Директорот на Агенцијата за иселеништво Горан Ангелов, како и началникот од МНР Боро Мирчески одговараа на прашања од асоцијациите, претежно поврзани со проблемот со Македонската амбасада во Берн.

Беше претставена стратегијата за дијаспора која е во изработка од страна на МНР, со предлог до здруженијата доколку се заинтересирани активно да учествуваат во нејзината изработка.

Од двете македонски државни институции беше дадена силна поддршка на заложбите на Македонскиот Национален Совет за обединување на македонската дијаспора во едно претставничко тело, кое тие го препознаваат во она што денес е МНС.

Притоа беа истакнати придобивките кои со таквото обединување би ги имале Македонците во Швајцарија, во настапите пред македонските и швајцарските власти.

Исто така и од страна на претставниците на присутните здруженија беше испратена силна поддршка кон ова обединување и многу асоцијација веднаш се приклучија кон ова претставничко тело на Македонците во Швајцарија. Присутните ја поздравија идејата за оваа историска конференција со надеж дека таа ќе прерасне во традиција, која би се одржувала барем еднаш годишно.

07.05.2025 - 08:36

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега