Кузеска: Власта го окупира судството-избран е првиот судија од тефтерчето на Мицкоски

 

„Наместо реформи, власта спроведува брутална партизација и окупација на судството.  Додека јавно се врши притисок врз Судскиот совет, избран е првиот судија од тефтерчето на Мицкоски. Сопруга на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ е назначена за член на Судскиот совет. Тоа е уште една потврда дека целта на власта е потполна контрола врз судството и ништо друго“, изјави на денешната прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
 
Таа вели дека наместо независни институции кои ќе судат по словото на законот, се враќа „Сваровски судство“ кое ќе биде продолжена рака на Мицкоски и неговата партија.
 
„ВМРО-ДПМНЕ се обидува да создаде партиски контролиран судски систем кој ќе служи како нивна алатка за политички прогон и заштита на криминалот во редовите на власта.
 
Ова е истиот рецепт од времето на Груевски, кога судиите беа алатки на режимот, а правдата беше глува за граѓаните. 
 
ВМРО-ДПМНЕ сака да биде и судија и егзекутор, да дели партиска наместо законска правда.
 
СДСМ со месеци предупредува дека ова не е изолиран случај, туку јасна стратегија на премиерот Христијан Мицкоски и неговата партија. Судиите да бидат само пиони кои ќе носат одлуки според партиски директиви.  
 
Партизација на судството е директен напад врз демократијата и владеењето на правото. Особено што се случува паралелно со партизација на безбедносните агенции, независните регулаторни тела и други институции. 
 
Со партиски окупирани институции и контролирано судство нема владеење на правото. 
 
СДСМ ги повикува сите демократски сили – граѓаните, правните експерти, граѓанските организации и независните медиуми – да застанат цврсто против обидите за партиска контрола врз судството“, изјави Кузеска. 
 

 

 

14.12.2024 - 13:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега