Лимани: Да се слушне гласот на децата жртви на трговија
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска го посети Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе – Отворена Порта и децата жртви на трговија со луѓе.
На средбата се разговараше за политиките на Министерството кое е целосно посветено на борбата против трговијата со луѓе, исполнувајќи ги законските барања и пракси во врска со развивање и подобрување на националните политики за превенција, подигање на јавната свест, насочување на интервенциите за заштита на жртвите на трговија со луѓе врз основа на почитувањето на основните човекови права и слободи.
Министерството е координатор на Националниот механизам за упатување на жртви на трговија и оваа обврска ја спроведува во тесна соработка со Министерството за внатрешни работи, Eдиницата за борба против трговија со луѓе, центрите за социјална работа и здруженијата на граѓани кои работат во оваа област.
Од страна на Министерството воспоставен е Центарот за жртви на трговија со луѓе како државно прифатилиште кое има значајна улога и придонесува кон соодветна заштита на жртвите на трговија со луѓе.
Во согласност со Законот за социјалната заштита, Министерството го финансира Центарот за жртви на трговија со луѓе кој има капацитет од 6 легла.
Денеска беше потпишан и нов Управен договор за 2025 година, за обезбедување на социјални услуги за Центар за привремен престој на жртви на трговија со луѓе помеѓу Министерството и Здружение за акција против насилство и трговија со луѓе Отворена Порта.
Во периодот јануари – декември 2024 година, петте мобилни тимови за идентификација на ранливи категории на граѓани вклучително и жртви на трговија со луѓе беа активни во спроведувањето на програмските активности вклучувајќи редовни состаноци, теренски посети, контакти, упатувања и помош на ранливи групи, жртви и потенцијални жртви на трговија со луѓе.
Во 2024 година идентификувани се 40 жртви на трговија со луѓе од кои 2 деца. Најголем дел се жртви на сексуална експлоатација – 37, додека 2 лица жртви на трудова експлоатација и 1 лице е жртва на присилен брак.
Министерот Лимани истакна дека „да се слушне гласот на децата жртви од страна на креаторите на политиките е од круцијално значење.“ Бидејќи тоа придонесува да се откријат слабостите во системот, да се зајакне превенцијата, заштитата и сузбивањето на ова злосторство.
„Секој може да биде цел, но секој исто така може да биде дел од решението. Ако сакаме да создадеме свет без трговија со луѓе, треба да ја подигнеме свеста во нашите заедници. Да едуцираме, да информираме и да ги охрабруваме другите да зборуваат, да ги препознаат опасностите, да знаат каде да се обратат за помош и поддршка. Секоја мала акција може да направи голема разлика,“ порача Лимани .
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа