Љутков за исплата на платите на културните работници: Конечно направивме пресметка која што е достојна
Иако сум бил член на СКРМ, никогаш не сум рекол дека овој колективен договор е незаконски, туку дека овој колективен договор нема поддршка од Министерството за финансии. Свесен сум дека не ги дадовме платите пред Велигден, но конечно го решивме проблемот. Конечно направивме пресметка која што е достојна и законска. Јас нема да застанам против моите колеги, тука сум да им ги решам проблемите, посочи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Тој од денешната собраниска говорница, за време на седницата посветена на пратенички прашања, на прашањето од пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска за ненавремено исплаќање на платите на културните работници, напомена дека проблемот конечно е решен, а исплатата е во согласност со Министерството за финансии.
-Иако сум бил член на СКРМ, никогаш не сум рекол дека овој колективен договор е незаконски, туку дека овој колективен договор нема поддршка од Министерството за финансии. Вие тоа го знаете, уште со самото потпишување сте биле министер за култура. Колективниот договор го потпишал министер кој што појма немал што потпишува и немал направено анализа какви штети ќе направи во културата и дека ќе ја „прелие чашата“, ќе не донесе до тоа 90 проценти да земаме плата, а 10 проценти да земеме за програмски активности. Вие добро знаете дека кога немате поддршка од Министерството за финансии, поточно кога нема позитивна согласност, тоа значи дека средствата ќе треба да си ги обезбедувате од сопствениот буџет. Вие тоа сте го дозволиле четири години. Сега, кога конечно некој ги решава проблемите, тоа не ви се допаѓа, рече Љутков.
Тој ги отфрли шпекулациите дека платите не биле донесени поради неговото заминување на пат.
-Не е точно дека сме почнале да правиме посебни решенија, па не сме успеале да ги донесеме платите затоа што јас сум бил на пат. Јас бев во Македонија кога требаше да се решава овој проблем. Јас не сум како вас, да одам во Стразбур во време на најголемата несреќа што се случи во државата. Свесен сум дека не ги дадовме платите пред Велигден, но конечно го решивме проблемот. Конечно направивме пресметка, која што е достојна и која што е законска. Успеавме за неполн месец дена да се собереме, да направиме работна група и да направиме добра проценка како треба да изгледа овој колективен договор и исплатата на пари, со согласност од Министерство за финансии, конечно после четири години, додаде министерот.
Тој напомена дека се надева оти за брзо време во согласност со сите засегнати страни ќе се донесе нов колективен договор, кој што ќе биде корисен за сите.
-Да, јас бев член на СКРМ и од тој аспект ги знам работите и од надвор, и од внатре од Министерството за култура и туризам. Јас нема да застанам против моите колеги, јас сум тука да им ги решам проблемите. Бидејки овој колективен договор е истечен, се надевам дека за многу брзо време ќе наидеме на разбирање од сите засегнати страни и ќе донесеме нов колективен договор, кој што ќе биде корисен за сите, додаде Љутков.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа