Милошоски: Сите чинители во општеството мора да ги почитуваат законските норми
„Во овој случај измените на законите ќе треба да се поделат на две фази. Едната фаза би била брзи интервенции се надевам во што помалку закони едноставни како што беше и онаа денешната за забрана за употреба на пиротехника од тој вид интервенции коишто не би биле преголеми зафати, а би подобриле конкретни стандарди при забележани пропусти. Другиот пакет на закони би требало да биде посистемски обработен и интересорски, да не биде тоа предложено од еден, двајца пратеници или од едно министерство на брза трака, туку да има малку подобар пристап“, истакна пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски во гостување во „Топ тема“ на телевизија Телма.
Милошоски како трета работа ја напомена и зголемување на свеста кај луѓето кои се вклучени во јавниот и политичкиот живот, но и оние кои имаат надлежности.
„Трета работа која исто така сакам да ја напоменам, а сметам дека во овој дел треба да се зголеми и свеста и на тие кои видливо се вклучени во јавниот и политички живот, но и на оние кои имаат надлежности, а не ги забележуваме често пред камерите, тоа е имплементацијата на законските норми. Бидејќи, овде ако го гледаме цел случај, од тоа што го знаеме како јавни информации достапни за нас, не секогаш имало погрешни закони или одредби, претежно пропустите се во непримената на соодветните законски одредби во одредена материја, дали е тоа угостителство, лиценци, дали е тоа обезбедување или заштита од пожар или нешто друго“, посочи Милошоски.
Милошоски уште еднаш потенцираше дека сите чинители треба да придонесат за зголемување на свеста и почитување на законите.
„Мислам дека во тој дел, не само Собранието туку и сите други чинители вклучително медиумите, општинските совети, инспекторите, надлежните институции, опозицијата и секој оној кој може да даде придонес би требало да работиме за зголемување на свеста за почитување и имплементација на постоечките законски норми. Бидејќи, ние можеме и најдобрите норми да ги пресликаме денес од било кое законодавство дали ќе го одбереме тоа на Литванија, Шведска, Словенија, Австрија или на други, доколку не се применуваат тие законски одредби повторно ќе ни се случат пропусти“, дециден е Милошоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа