На еден ден пред Конгресот Игор Ивановски се откажа од трката за Претседател на СДСМ
Игор Ивановски се повлече од трката за Претседател на СДСМ. Во писмено соопштение тој образложи дека на ваков чекор се решил за да се задржи единството во партијата.
„Се кандидирав за Претседател на СДСМ, воден од определбата, обврската и одговорност, СДСМ да биде партија која ќе биде програмски препознатлива и прифатлива, организационо ефикасна и кадровски отворена за стручни, чесни, работливи и препознатливи личности. СДСМ која на позитивен начин ќе ја освои довербата на граѓаните, за да ги решава огромните проблеми на луѓето и државата.
Во изминатиов период разговарав со многу луѓе, внатре и надвор од партијата, кои искрено порачуваат дека ниту една партиска функција не смее да биде поважна од единството на партијата. Сите заедно заклучивме дека периодот што следи е голем тест за партијата и предизвик за начинот на кој ќе делува во иднина. Сакам да им се заблагодарам за искрените пораки и желби да останеме доследни на заедничките принципи и заложби за силен и единствен СДСМ. Во таа смисла, убеден сум дека ниту еден одличен концепт не може да се спроведе без вистинско единство, исто како што обединувањето без идеја, концепт и работа не значи ништо.
Жалам што во претконгресниот период, поголем акцент и енергија се стави на личните персонални битки и кадровски комбинаторики на централно и локално ниво, за сметка на отворена дебата и заеднички пристап во изнаоѓање на усогласен, функционален и спроведлив програмски и работен концепт за иднината на СДСМ.
Тргнувајќи од моите принципи дека личните амбиции се додадена вредност само ако се темелат на искрени заложби за тимска и заедничка работа, загрижен за стравувањата на членството од нови поделби кои ќе го ослабат СДСМ, а водејќи се од своите чесни и искрени намери и чувствувајќи ја одговорноста за идните успеси на партијата, Ве известувам дека ја повлекувам кандидатурата за Претседател на СДСМ. Искрено се надевам дека овој мој потег ќе придонесе останатите кандидати целосно и конкретно да ја сфатат исклучителната важност на единството во партијата, како основен предуслов за стабилен и победнички СДСМ.
Од денес со личен пример ќе покажам дека не треба да бидеш носител на раководна функција за целосно и без предрасуди да се вложиш за успехот на СДСМ. Мојата борба за социјалдемократските вредности и принципи ќе ја продолжам во својата Општинска организација и Парламентот.
Упатувам благодарност до моите сопартијци и симпатизери на СДСМ, како и на сите граѓани надвор од СДСМ, за сета досегашна поддршка и доверба која безрезервно ми ја пружаа.
На моите другари и другарки делегати на 14-от Конгрес на СДСМ, им посакувам да имаме успешен, мирен и продуктивен Конгрес. Очекувам тие во својот избор за Претседател, да се водат исклучиво од тоа кој од кандидатите може или не може, сака или не сака, и има или нема капацитет, да ја направат СДСМ успешна, единствена, обединета и победничка партија“ – напиша Игор Ивановски.
Игор Ивановсаки се споменуваше како може Генерален секретар на СДСМ во сите комбинации, без разлика кој ќе стане претседател на СДСМ. Претпоставките се дека токму поради тоа Ивановски се реши да се повлече од трката за Претседател на само еден ден пред одржувањето на Конгресот.
Социјалдемократите утри избираат нов лидер. На конгресот ќе гласаат 705 делегати за 3 кандидати плус Бранко Црвенковски. Покрај актуелниот лидер во трката останаа Кире Наумов, Зоран Заев и Зоран Јовановски