Албанскиот премиер во прва официјална посета на Белград по 1946 година
Конечно е потврдено дека албанскиот премиер Еди Рама на 22 октомври ќе престојува во официјална посета на Белград.
Датумнот на посетата лично го потврди и Рама, но и неговиот српски колега Александар Вучиќ, според кого на средбата ќе станело збор за многу битни прашања, но и за зголемување на извозот на срспки стоки во Албанија.
Потврдувајќи го датумот на посетата, на оваа, како што се оценува историска посета на албански премиер на Србија, Рама рекол дека албанската Влада е определена да соработува со сите земји во регионот во интерес на земјите и народите.
- Ќе го посетам Белград на 22 октомври. Веќе имаме конечен датум. Тоа е чекор напред во правец на иднината. Имаме толку многу нешта да дискутираме, толку многу потенцијал за соработка. Треба да работиме сите во регионот за да обезбедиме, од оваа нова ера на Балканот, луѓето да имаат што поголеми придобивки, изјави Рама.
На средбата со неговиот српски колега, според медиумите, ќе стане збор за соработката во областите на земјоделието, туризмот, транспортните врски, образованието, зголемувањето на извозот на срспки стоки во Албанија, но, секако и за положбата на Албанците во Прешевската Долина (јужниот дел на Србија) и на Србите во Албанија, на кои не им е признат ни статусот на малцинство.
Посетата на Рама е прва посета на еден албански премиер на Србија по посетата на Енвер Хоџа на Белград, во далечната 1946 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа