Декретот на Нишани за територијална поделба отфрлен од владејачкото мнозинство
Пратениците од владејачкото мнозинство во албанскиот парламент, ги отфрли петте укази на претседателот Бујар Нишани, со кои тој ги врати на повторно разгледување Законот за територијална поделба, законот за Управен суд, за полиција, за Високиот совет за правда и за магистратура.
Со 81 глас „за“ пратениците повторно го изгласаа Законот за административно територијална поделба.
На седницата не присуствуваа пратениците од опозицијата, освем оние на Партијата за национално единство(партијата на Чамите) на Шптим Идризи, кои гласаа само за овој закон, додека за другите апстинираа.
Споменатите закони ќе бидат објавени во Службен весник со што стапуваат во сила.
Премиерот Еди Рама, кој и претходно најави дека указите на Нишани ќе бидат отфрлени, обвини дека со враќањето на законите на повторно разгледување бил против националните интереси.
Ставот на владејачкото мнозинство го изнесе и поранешнуот албански премиер (на владата за национално помирување 1997 година) Башким Фино, кој смета дека новата територијална поделба била неопходна.
За претставниците на Македонците повторното изгласување на законот е очекувано нешто. Сега тие најавуваат оспорување на законот пред Уставен суд. Со идентичен став се и претставниците на грчкото малцинство.
Инаку, со законот како македонска општина останува само општина Пустец, додека трите општини во Голо Брдо и исто толку во областа Гора се припојуваат кон општини со мнозинско албанско население, што значи и целосна асимилација на Македонците во тие две области.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа