Истражување: 50 политичари во БиХ за неколку години станале милионери
Центарот за истражувачко новинарство (ЦИН) во БиХ објави база на податоци за 160 босански политичари, чиј имот забрзано се зголемува, а меѓу нив има 50-мина функционери со одделно богатство од по над 2,5 милиони евра.
Според ЦИН, голем број политичари успеале за време на извршувањето на функциите да стекнат недвижнини, заштеди, возила и акции, и покрај тоа што секој шести жител во земјата е невработен, а бруто домашниот производ е многу низок.
Од 160-те политичари кои ЦИН ги истражува, речиси 100 од нив се кандидати на октомвриските избори за некои од финкциите, каде платите се движат од 1.300 до 3.500 евра.
- Некои од нив влегле во политиката без имот, но за 10-12 години занимавање со оваа работа стекнале и по три-четири стана, луксузни автомобили, готовина која надминува 50.000 евра, изјави главниот уредник на ЦИН, Рената Драгиќ Радиќ.
Според ЦИН, меѓу најбогатите политичари во БиХ се лидерот на Сојузот за подобра иднина, медиумскиот тајкун Фахрудин Радончиќ, босанскиот министер за земјоделство Јерко Иванковиќ Лијановиќ, кој моментно се наоѓа во притвор поради наводна вмешаност во бројни финансиски малверзации, потоа лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи Милорад Додик и неговиот партиски колега Гаврило Бобар, како и претседателот на Социјалдемократската партија на БиХ, Златко Лагумџија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа