Рама:Албанците не сакаат Голема Албанија туку голема Европа
Албанскиот премиер, Еди Рама, во интервју за Б92 вели дека Голема Албанија е застарен мит за кој не се залага ниту еден албански политичар.
- Нашиот проект е Голема Европа со Србија и Албанија. Голема Албанија е застарен мит кој нема никаква врска со нас. Покажете ми барем еден доказ за тоа во мојата кариера или кај кој и да е друг албански политичар, што би докажало залагање за Голема Албанија - изјави Рама.
Како што вели Рама, зачуден е од фактот дека некој во Србија бил провоциран од ставот дека Косово е независна држава, одделна од Албанија.
- Мене ми е фасцинирачко тоа што вас ова ве провоцира. Тоа не е нешто што јас сум го сонувал, тоа е реалноста. Многу држави со кои Србија соработува го признаа Косово како независна држава. Би било добро и Србија да ја признае таа реалност. Ова не е за навредување, ниту е богохулење, туку е реалност - нагласи Рама.
Тој додава дека е убеден оти Албанија и Србија можат да отворат ново поглавје во меѓусебните односи.
- Јас затоа сум тука. Јасно ми е дека не мора и не може да се согласиме околу се. Изнесов неколку работи околу кои постои несогласување. Секако, треба да се земат предвид и српските ставови - вели Рама во интервјуто.
Инаку, Рама и неговиот домаќин Александар Вучиќ, и покрај создадената ситуација на конференцијата за медиуми по меѓусебната средба, вечерта вечерале заедно со уште неколку министри.
Рама вчера беше во посета на Прешево, а според медиумите, на враќање за Албанија ќе престојува и во косовскиот град Гњилане
Посетата на албанскиот премиер Еди Рама на Србија претставува пресвртница во односите меѓу двете земји, изјави за Танјуг, Маја Коцијанчич, портпарол на високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини.
- Очекуваме двајцата лидери да покажат обновена одлучност и политичка храброст да се свртат кон иднината и по многу години повторно да воспостават односи - порача таа по повод средбата меѓу Рама и премиерот на Србија, Александар Вучиќ, во Белград.
Коцијанчич констатираше дека посетата на Рама претставува нов придонес во регионалниот дијалог меѓу земјите од Западен Балкан.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа