Како ќе изгледаат скопските општински совети: ВМРО-ДПМНЕ со мнозинство во еден, СДСМ и ДУИ во останатите

 

Општинскиот совет на Гази Баба ќе биде единствениот меѓу скопските општини кој ќе го раководи мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ. Резултатите од локалните избори покажаа дека ВМРО-ДПМНЕ во оваа општина освоил 14 советници и има мнозинство пред СДСМ со 12 и коалицијата на ДУИ, Алијансата и БЕСА со еден советник.

Најголема разлика меѓу советничките групи ќе има во Центар. Таму во општинскиот совет ќе седнат 16 советници на СДСМ и 7 на ВМРО-ДПМНЕ доколку некој од приговорите кои се поднесени за оваа општина не резултира со прегласување кое можеби би ги сменило бројките но сепак, извесно е дека новиот градоначалник Богдановиќ ќе ја има поддршката на мнозинството од неговата партија.


Интересно ќе биде во Бутел. Таму ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат по 8 советници а по еден имаат трите албански партии, ДУИ, Беса и Алијансата, па доколку владината коалиција се задржи на локално ниво, СДСМ и тука може да формира мнозинство.


Во Кисела Вода работите се прилично јасни. Кој и да биде градоначалник во вториот круг, ќе работи со општински совет во кој СДСМ ќе има тесно мнозинство со 12 советници пред 11 на ВМРО-ДПМНЕ.


Владејчката партија има прилично комотно мнозинство во Аеродром со 15 советници пред 12 на ВМРО- ДПМНЕ, а идентичен е размерот и во Ѓорче Петров каде ВМРО-ДПМНЕ има 10 а СДСМ 13 советници.

Социјалдемократите ќе бидат прилично комотни и во скопски Карпош бидејќи во општинскиот совет ќе имаат 14 советници.

Шестмината на ВМРО-ДПМНЕ и двајцата на ГРОМ и во коалициски настап нема да можат да му парираат на мнозинството во кое можно е да се приклучи уште еден советник од Левица кој доби поддршка на овие избори.

Во Чаир очекувано албанските партии ќе бараат партнер во македонскиот блок за мнозинство во Советот. ДУИ овде има 9 советници, БЕСА 8 а Алијансата на Албанците двајца, додека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе имаат по четворица претставници во советот. Доколку владината коалиција се задржи и во Чаир, СДСМ, ДУИ и Алијансата ќе имаат комотно мнозинство.

Советот на град Скопје заедно со оној на Центар се единствените во скопскиот регион за кои има поднесено приговори и за кои ќе се чека дополнителна одлука. Каква и да биде таа, речи си извесно е дека и тука СДСМ ќе има комотно мнозинство, а за тоа доволна му е коалиција само со ДУИ, бидејќи заедно ќе имаат 24 столчиња во 45члениот совет.

 

 

 

19.10.2017 - 11:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега