Трајковски: Улици и пешачки патеки, поддршка за младите и вложување во спортот во Гази Баба
Во следниот период ќе продолжи изградба на инфраструктурата во Железара, ќе продолжи и доизградба на пешачките патеки, најави кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Гази Баба и актуелен градоначалник, Тони Трајковски.
Тој најави комплетна реконструкција на улиците „Гемиџиска“, „Тајмишка“ и „Извидничка“.
-Планираме да се реши и проблемот на улицата „Гемиџиска“ , „Филип Филиповиќ“ и „Душан Тасковиќ“ во делот на атмосферските води односно планирана е комплетна изградба на атмосферска канализација во овие улици. Со изградбата на новиот водоводен систем кој ќе биде по улицата „Хрватска“ верувам дека ќе го решиме проблемот со високата зона и ниските делови на одредени локации во Железара посебно во летниот период од годината со водоснабдување, рече Трајковски.
Тој посочи дека ќе продолжи и со поддршка на младите во оваа населба.
-Посебен акцент е ставен на Центарот за млади и невладини организации кои се наоѓаат во оваа населба. Имавме одлично искуство минатиот период, голем број на млади го посетија овој центар, затоа и ќе продолжи нашата поддршка.Ќе продолжиме да инвестираме во спортот, комплетно ќе се реконструира училишната спортска сала и ќе биде поставена вештачка трева на игралиштето во рамките на дворот. Верувам дека ќе овозможиме поквалитетни услови за одвивање на спортските активности на жителите од оваа населба, рече Трајковски.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, истакна дека посебен акцент ќе биде ставен на комплетна реконструкција и ревитализација на паркот кој е белодробно крило на град Скопје, ќе бидат засадени голем број на дрвја, ќе се зголеми тревната површина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа