Груевски: СДСМ организира избори со закани и притисоци, нема да не скршат и поколебаат

 

Вечерва во очи празникот,23 Октомври, ден на македонската револуционерна борба, денот на создавањето на ВМРО, денот од кој гледаме дека СДСМ се плаши и се срами и бега од него. Слушнавме како ја уникуваат наградата 23 Октомври. Најавија и дека во иднина сакаат да го укинат празникот. Од што се плашат, од што се срамат, од што бегаат? Бегаат ли од нашите корени, од борбата на нашите предци? ВМРО било и ќе биде главниот заштитник и стожер на македонскиот народ и на граѓаните на Република Македонија, истакна вечера од Љубанци претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски каде партијата одржа мини митинг.

-СДСМ не дава никакви проекти, немаат никаква програма, затоа зборуваат за воздух, ветер и магла. Видоа дека не можат да се мерат со нас и удрија на криминални измами. Во првиот круг видовме како СДСМ организира избори, страв и притисоци на сите страни. Во Македонија се спроведоа африкански избори. Скршен череп на градоначалник и кандидат за градоначалник, убиен носител на советничка листа, искршени канцеларии на наши штабови, следени кандидати за градоначалници, бугарски возови со секоја општина, недостаток на гласачки ливчиња. Најмногу видовме масовен поткуп со многу пари. Според информациите кои ги имаме истурени се 20 милиони евра црни пари во Македонија на овие избори. Од каде се тие пари, кој има интерес да даде толку пари за СДСМ да излезе победник иако се знаеше и беше јасно дека фаворитот е ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата? Кој има интерес? Тие пари сигурно не ги дале СДСМ и Заев, ги дал некој друг, некој кој има државен интерес да му помогне на Заев за да го реализира неговото сценарио, неговото редефинирање на Македонија кое го најави, нагласи Груевски.

Тој посочи дека на овие избори главен сојузник на СДСМ била полицијата.

-Не целата, туку добро одбрани партиски луѓе во полицијата кои беа учесници во поткупот чувајќи стража додека СДСМ поткупуваа насекаде. Тоа беа изборите во Македонија, тоа се избори кои ги организираше СДСМ. Секој ден со име и презиме дознаваме како потплаќаат. Информираме, но нема реакции. Следниот ден истото. Но, нема да не скршат нема да им дозволиме да не скршат затоа што народот гледа што се случува и ќе им се врати како бумеранг, ќе има одговорност еден ден за ова што го прават. Крајната цел е да се сузбие секој слободомислечки Македонец кој се грижи за својата држава, својот јазик, идентитет. Преку разни механизми да се делување дека сакањето на државата е нешто што е демоде, а дека геј браковите, легализирање на дроги се модерни. Ненормалното стана нормално, нормалното го прават ненормално. Коа е ова време во кое живееме? Секој кој ќе помисли да си ја штити државата, како што беше на 27 април, секој кој снимал документарни филмови за македонските дејци и херои, кој бил вклучен во градба на споменици, треба да се плаши дека ќе биде наместен за некој процес. Криминалците на слобода, а патриотите по затвори, вели Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека немилите настани на 27 април биле намерно испровоцирани.

-Ние бевме тие кои осудија насилство и мислиме дека се погреши што се влезе и што се употреби сила, но кога гледаме што се прави во Македонија, кога гледаме дека во овие пет месеци нема никава правда дека се ослободуваат криминалците насекаде, Агим Красниќи кој Скопје го држеше под опсада цели четири месеци излегува, кој прравеше изборни фалсификати и фатен со автомати, Бајруш кој има пресуди и кривични дела, кога гледаме дека лица кои наводно се во куќен притвор се пуштаат да напаѓаат кандидати за градоначалници и градоначалници, кога гледаме и слушаме пред нашите очи како Јавниот обвинител објавува дека ќе ги ослободи убијците на петте деца од Смилковското езеро, и кога гледаме како Заев раскажува дека ќе ослободи над 1.050 затвореници од кои најголем дел за тешки телесни повреди, не можеме а да не кажеме дека на таква неправда веќе не можеме да говори за било какви санкции против луѓето кои беа намамени да влеза во Парламентот и потребно е нивна слобода и прекин на сите прогони, рече Груевски.

Тој вели дека додека се прават овие спектакли економијата оди надолу.

-Индустриското производство паѓа, извозот паѓа секој месец откако СДСМ се на власт, паѓаат девизните резерви на државата. Паѓаат прогнозите за раст, најважни им се тендерите кои ги зимаат луѓето од власт. Нема нови инвестиции, ниту нови работни места, просечната плата не само што не расте, таа опаѓа. Нема раст на пензиите кој беше тренд во Македонија во време на ВМРО. Стандардот оди надолу, сиромаштијата расте, државата е на колена. Но, не заборавија да склучат штетен договор со Бугарија уште првата недела. Договор кој не е проблем да се потпише ако нема неколку работи во него. И ние немаме ништо против Бугарија, тие ни се соседи треба да имаме добри односи, но на принципиелна база, а не да не тераат да потпишуваме договори со кои ќе се откажеме од македонското малцинство во Бугарија, со кој ќе прифатиме дека нашата историја била дел од бугарската, менување на учебниците по историја за македонските ученици да учат во иднина дека Илинденското востание не било македонско, туку бугарско. Дека 11 Октомври не било денот кога пукна првата пушка од страна на македонскиот народ, туку некој идеолошки конфликт меѓу левицата и десницата на бугарското население во Македонија. Тоа е она што сакаат да се помине во Парламентот. Затоа ние предложивме да се изјасни народот на референдум, да видиме народот што ќе каже, нагласи Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека целта е да се промени името, да се промени идентитетот.

-Главната цел е да се прифатат сите услови од страна на Грција, не да се постигне компромис. Истиот принцип како со Бугарија. Тука е и трајното населување на мигранти. Има намера да им даде трајно државјанство и да ги направи негови гласачи. Зголемувањето на даноците, прифаќањето на двојазичноста во Македонија со неуставен закон и редефинирањето на бракот, односно овозможување на хомосексуални бракови и можност да посвојуваат деца. Владеат со страв за да не дозволат да се види големата слика, сакаат да набијат страв кај народот, но нема помрачување кое не било осветлено од народот. Порачувам дека нема да не скршат, нема да не поколебаат, ниту да се исплашат. Заеднички ќе се спротивставиме со народот, нагласи тој.

Груевски рече дека во годините наназад СДСМ ништо не направиле за Бутел.

-Видовме и во овие пет месеци дека ништо не се направи за Бутел. Во општина Бутел кога во 2006-та година дојдовме во владата имаше само 3.600 вработени лица. Денес има над 7.200 вработени лица во Бутел.Така се работи за сопствениот народ и им се помага.  Ние ќе продолжиме да се бориме и верувам дека ќе донесеме над 30 инвеститори во наредните 4 години кои ќе отворат нови работни места. Истовремено ќе обезбедиме учениците од 1-5 одделение добијат здрав и бесплатен оброк. Дарко Костовски како градоначалник на Бутел ќе овозможи можности за граѓаните да стекнат сопствен дом, по симболична почетна цена по само 1 евро за метар квадратен на земјиштето и ќе се намалат комуналиите. Нудиме концепт во кој нема да има неасфалтирани и неосветлени улици. Ќе има паркови во секое маало. Во Љубанци ќеима довршување на фекалната канализација, ќе има проширување и целосна реконструкција на патот Радишани-Љубанци, ќе се изградат нови баскет игралиште и нова фитнес зона, нова планинска стаза за качување, ќе го развиеме манастирскиот туризам, нагласи Груевски.

 

 

 

 

23.10.2017 - 09:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега