Груевски: Не можете да не` натерате да ги свиеме главите и не можете и нема да ја скршите нашата кичма!

 

Денес одиме по трнлив, тежок и мачен, но исправен пат. Патот мора да се изоди бидејќи друг пат нема. Идејата мора да живее бидејќи ако ја нема идејата, ќе ја нема ни иднината. Делото мора да трае. ВМРО ќе го издржи и ова бидејќи има света мисија пред себе, ја има Македонија како водилка и инспирација, бидејќи без разлика на се што ќе кажат и ќе ве убедуваат – ако го нема ВМРО ќе ја нема ни Македонија.

Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој денеска присуствуваше и се обрати на Свечената академија по повод „Денот на Македонската револуционерна борба“.

-Живееме во време кога на удар е духот на Македонецот. Нема да те скршат ако те повредат, ако те оцрнат, ако те дискриминираат, ќе те скршат само кога ќе ти го убијат духот, и кога ќе ти го убијат духот ќе ти го убијат и името. Не 100, туку 100 илјади од нас прислушувајте, вие не можете да не заплашите, не можете да не натерате да ги свиеме главите и не можете и нема да ја скршите нашата кичма, порача Груевски и додаде:

„Нивното досие во кое нас не водат како македонски националисти, алудирајки на шовинисти, е само повторување на една мрачна епоха од минатото, која ние и тоа како ќе ја издржиме, и ќе ја совладаме. Ние знаеме дека ние сме само патриоти и родољуби, кои си ја сакаат својата земја и народ и се подготвени на високи ризици во нивна заштита. И немаме ништо против или било што злонамерно кон другите земји и народи. Напротив. Ако мислеа дека со фабрикувани избори и организиран изборен инжињеринг  ќе не поразат, ќе не срозат, и ќе го поразат духот на Македонците, им порачувам дека притаснале на копче кое само не активира да нашиот организам почне да работи со 120 осто капацитет.  Сите можеби некогаш и оправдано скептици, како и сите оние кои подлегнале на пропагандата ги повикувам да ја видат суштината и големата слика, и да се приклучат на вмро во оваа тешка битка. Битка која само заедно и обединети можеме да ја победиме. Ова не е битка на индивидуалци, или лидери. Тоа е минлива категорија, ова е битка на еден народ за опстанок, за идентитетски и економски опстанок“.

Храброста, патриотизмот, љубовта, самопрегорот, рече Груевски, ги добиваш од раѓањето па се до формирањето на личноста и карактерот и на нив не влијаат никакви притисоци.

-Ние со нашиот карактер и нашиот слободарски дух сме се родиле и не ги менуваме по ни една цена. Нивната порив и ниска страст ќе помине. Ова што денес го прават нема да се заборави. Солзите на детето и жената кои го гледаат таткото и мажот како е тепан од разулавена толпа на глутница квазијунаци не ви ги забораваме. Скршените черепи ќе заздрават, ама нема да се заборават. Запалените возила и запалените куќи нема да ги избиршат нашите спомени и нашиот непокор.  Одземените покачувања на пензиите ќе ви се паметат. Заканата за укинивање на субвенциите за земјоделецот кој нема да има повисок принос од претходната година, се ваш пораз. Намалената просечна  плата, намалениот извоз, индустриско произвоство, девизни резерви, и севкупно намалената економија, денес го загрижуваат и притискаат народот, но за некое време ќе нагазат на вашите плеќи, нема да се заборави. Лагите кои им ги пласиравте на младите ќе ви се вратат како бумеранг.

Сликата како го спуштате македонското знаме, го кинете и поганите, подвлече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, вечно ќе е во нашите глави.

-Вашите пораки за Куманово да се деси и сладострастието во кое уживавте додека херои се збогуваа со најголемиот дар од Бога – животот, вечно ќе звонат во нашите уши. Нема да ви заборавиме што Делчев и Даме, Карев и Алексанров и Ченто и Кузман, ги правите дека не се бореле за Македонија. Тивкиот плач на таткото кој е скршен затоа што ослободувате убијци на деца ќе пишти во нашата душа. Тие пискотници, крикови, мрачни слики, ќе сведочат за едно мракобесие, и ќе бидат најдобар медиум кој ќе придонесе ова што го прават да не се заборави, и за некое време да се исправи неправдата. Кога неправдата е на сила, единствен одговор е непокорот. И стремежот правдата да се врати. И правдата ќе се врати. Колку и да погрешија, очигледно намерно испровоцирани од кршењето на уставот и законите, од кога се виде дека оваа власт спроведува селективна правда, и ослободува најтешки криминалци и убијци, стана јасно дека веќе е бесмислено да се бара одговорност од луѓето кои борејки се за својата земја, поведени од емоциите направија погрешен чекор на 27ми април. Тие немаат толку мастило за родољубивиот народ од 27 април да го запишат на темните страни на историјата. Не. Тој сентимент, таа емоција, таа на срамен начин испровоцирана реакција која за жал доведе и до неоправдливо насилство во еден дел, но во основа беше длабоко патриотска – не може да ја сквернавите. Македонскиот граѓанин кој чекореше по македонските улици 80 дена со патриотизам, со крената глава и исправена кичма, секогаш ќе биде на светлите страници на македонската историја, и ќе сведочи за едно време во кое една генерација рекла НЕ, а тоа е траг кој не се брише.

Оние луѓе, подвлече тој, кои ги малтретирате по притвори и затвори, ќе ја имаат нашата помош и подршка, и ќе дојде време кога ќе се осветли и тој дел. После секој Илинден, доаѓа нов Илинден.

-А вие, сите ваши криминалци, убијци, дилери на дрога, силувачи, лопови, разбојници да ги ослободите – нема да го скршите нашиот дух. Духот на Македонецот е нескршлив. Нескршлив! Тој само може да се зацрвстува. А Македонецот може да станува само посилен. Ова не е битка за власт, ова не е битка на Никола Груевски, јас сум небитен, ова е битка за ВМРО, битка за Македонија.

Според Груевски, во животот не можете да одлучите само кога ќе се родите, се друго е одлука.

-Ние можевме да одлучиме да не се бориме и за сметка на тоа откажување денеска ќе добивавме пофалби од секаде. Можевме да ја свиткаме кичмата, ама одбивме. Ние не сме тие кои клекнуваат на колена. Ако се бориш, може да победиш или да загубиш, ако не се бориш ти уште од старт си загубил. Можел и д-р Христо Татарчев да не го ризикува својот среден и комотен живот и да не ја основа и застане на чело на организацијата, можел и Питу да не оди на Мечкин Камен, Кузман не морал да инспирира споменувајќи ги ВМРО и Илинденците, Делчев, Груев, Александров,  можеле да си бидат само учители, а не идеолози и борци на една револуција, на ножот можеле да се предадат, можеле стотиците илјади мажи и жени да си ги вршат секојдневните работи наместо да се борат по полињата и планините. Ама така ќе ја немаше Македонија. Затоа ние нивните наследници, свесно одиме по овој полн со препреки пат, не заради тоа што е едноставно, туку затоа што е пеколно тешко и комплицирано, но и наша обврска истовремено. Ама одиме по овој пат. Вмровски, и со подигнато чело, додека дамарот бие. Затоа што идејата мора да живее, а Македонија и Македонецот мора да постојат.

Тие, додаде Груевски, нема да застанат тука.

-Ќе има пеколни удари, ќе има и жртви и саможртви. Ама ќе издржиме. Ќе издржиме и ќе победиме! Влогот е голем. Тој влог не е влог на денешницата, тој влог е вклесан во минатото од нашите предци, и ќе биде развиван од нашите деца и внуци во иднината. Тоа е Македонија, тоа е ВМРО, тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Затоа да ги збиеме редовите. Рамо до рамо, срце до срце, рака за рака. Обединети и единствени ништо не ни можат. Јадрото мора да е цврсто, затоа што ние сме слободни, слободоумни, пркосни, корави и храбри Македонци. Ние сме партија на народот. Секој кој го има ВМРО и Македонија во срцето, треба да ја подржи нашата борба. Секој еден е важен. Од секоја генарација, од секоја декада, и оние кои се високо мотивирани, и они кои се чувствуваат запоставени, разочарани, револтирани, демотивирани, и они кои се можеби и оправдано налутени, и оние кои не се налутени. Оние кои сакаат да му наштетат на некој од ВМРО, нека не му наштетуваат на ВМРО. Секој еден е важен. Имаме иста кауза, и таа кауза секогаш се соочувала со предизвици, и секогаш имала противник, и каузата победувала. И оние кои денес не се согласуваат со нас, но го имаат ВМРО во срцето и во душата се важни и значајни, и се добредојдени, потенцираше тој и додаде:

„Да одработуваме за народот, за државата Македонија, не за некои други интереси. Да ја барама вербата за успех во себе и во другите. Ако ја имаме да ја разбудиме, ако ја немаме да ја создадеме. Да гледаме напред, да имаме чиста мисла и нескршлив дух, да го имаме поривот за непокор, да го имаме трудот и работата како ориентир и средство за реализација на целите кои ни се заеднички.  Ќе дојдат многу брзо подобри времиња за нашата партија. Верувајте во тоа. ВМРО мора да е силно и единствено, и такво и е потребно на Македонија. Сега повеќе од било кога во нашата модерна историја. И секогаш, секогаш во срцето и во душата, во рационалното и во емотивното, во минатото, сегашноста и иднината, секогаш да ја имаме Македонија на прво место. Сите заедно, старо, младо, машко и женско на нозе се креваме. Да ги распееме шумите и горите да ечат за Македонија. Ние се бориме за човечки правдини. Нашата борба е света должност. Да направиме македонското сонце повторно да изгрее“.

 

 

 

23.10.2017 - 14:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега