Груевски: Ние сме партија на народот, секој кој го има ВМРО и Македонија во срцето треба да ја поддржи нашата борба

 

Веќе десет години, Македонија го слави 23-ти октомври како државен празник, денот на македонската револуционерна борба, денот на основањето на МРО, подоцна ВМРО. Оваа година е прва година кога не само што се прекинува традицијата на доделување на државната награда  23-ти октомври, туку и очигледна е назаинтресираноста на новата власт кон одбележување на овој празник. Затоа, сме ние тука. Кога  оваа власт се срами и се плаши од овој голем ден и празник, тука сме ние, ВМРО-ДПМНЕ да го одбележиме, прославиме, да се потсетиме и инспирираме од минатото, македонското револуционерно минато за слободата на Македонија,истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на денешната Свечена академија по повод “Денот на Македонската револуционерна борба“.

-Во годината во која новата власт, без никаква јавна дебата, без консултација со стручната и пошироката јавност, без да го праша народот за тоа, во негово име потпиша договор со една соседна држава со кој објави дека до 1944 година нашата историја била дел од историја на таа соседна држава и дека во тој правец планира да ги менува учебниците по историја во Македонија, разбирливо е зошто бегаат од прославата на овој празник. Истовремено најавија и уште една промена на учебниците по историја, по теркот на една друга соседна држава. Ова е година кога за прв пат нашата историја стана алатка за политички преговори, доаѓање  и останување на власт. Менувањето на нашата историја, откажувањето од нашиот јазик, име и идентитет, стана алатка за некој да дојде и да се задржи на власт. Ние сме партија, која гледа, која е фокусирана кон иднината, кон подобрата и поуспешна иднина на нашата држава и народ, но не бега и не се плаши од минатото и од историјата, ниту пак ја сквернави или злоупотребува.  Напротив, тоа минато и сите тие жртви, ни даваат поттик, посеризно и поодговорно да пристапуваме кон секој нареден чекор поврзан со иднината, затоа што знаеме со колку крв, жртви и маки од нашите предци е стекнато она во кое денес ние слободно живееме како во своја држава- Република Македонија, рече Груевски.

Тој порача дека иднината на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ја гледа како дел од големото европско семејство, како дел од ЕУ и НАТО и во добри односи со соседите.

-Но, тоа не значи дека треба да го избришиме или да се срамиме од нашето минато, или да го препуштаме други држави да ни го интерпретираат или преправаат,  согласно нивните државни  интереси.  Живееме во тешки времиња, со големи искушенија и големи идеали. Но во какви времиња живееја нашите основачи? Основачите знаеја дека ќе треба време за да се оствари идејата, но знаеја дека најпрвин – идеја мора да има! И ја создадоа идејата, за идејата потоа да ја создаде организацијата, а организацијата го создаде делото! Делото е слободна, суверена и независна Македонија. Не им беше воопшто лесно, ниту пак едноставно, но имаа решителност и одлучност. И подготвеност за високи лични ризици. Се будеа, живееа и си легнуваа со помислата на слободата и правдата, со помислата на Македонија. Инспирираа, мотивираа, организираа, планираа, твореа и се бореа за она во што веруваа. Слободна земја на слободни луѓе. Да бидеме свои на своето. Насекаде низ својата земја, во секое село и во секој град, и дење и вечер, и во лето и во зима. Тие беа со народот, и кога беше воскликот на победата, и кога беше тагата на загубата, тие стануваа велики при најголемите искушенија и при најголемите иницијативи. Искушенијата ги доживуваа како тест на верата, вербата и довербата, живеејќи со пулсот на своите собраќа и сосестри. И никогаш не отстапија од своето верују. И затоа победуваа и кога добиваа и кога губеа битка. И кога го напуштаа овој свет, кога нивните очи за последен пат гледаа во соборците околу нив, во семејството над нив, или пак одеа во мир сосема сами мислејќи на децата, жената, мажот, родителите, кога им прелетуваа мислите за животот во тој последен грч, кога се збогуваа тие гледајќи во небото завршуваа со еден шепот на нивните усни – Македонија, порача Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека основачите на ВМРО и со својата смрт одат во победата исто како што победата значи и крикот при ослободеното село, и секогаш гласно или преќутно оставаа аманет на своите поколенија дека борбата мора да продолжи и тоа до конечната победа. Така, рече Груевски, победи идејата, организацијата и делото, така победи Македонија.

-Беа шиканирани и оцрнувани, некои се обидуваа да ја прикријат нивната заслуга, некои ги понижуваа и не ја вреднуваа нивната борба и жртва за Македонија. И сето тоа им го приредуваа луѓе кои се срамеа затоа што не се како нив и мислеа дека ако нив ги оцрнат така прво ќе се прелажат себе а потоа ќе ги прелажат и другите, ќе ги натераат другите да веруваат дека за Македонија не треба да се бориш. Каква поразителна тактика. Не им успеа. Ние наследниците на идејата на основачите, и на сите останати херои, успеавме да го осветлиме нивниот лик, да ја кажеме правата вистина, да ја отвориме историјата и да ги избришеме немакедонските погледи врз нив и нивната револуционерна страст. Да кажеме како било и колку им било тешко во борбата но и колку ние, денешните поколенија, сме благодарни за се што тие направија за нас и за нашата Татковина. И затоа денес одовде, од ВМРО-вски Штип, од градот кој даде големи жртви за слободата на Македонија и за време на периодот на активното 41 годишно делување на ВМРО, и потоа, вклучувајки го и периодот на Народноослободителната и антифашитичка борба, јас и сите ние длабоко им се поклонуваме, и со голем пиетет го потврдуваме нашиот завет: За Македонија секогаш ќе се бориме. Немаме друга земја и не сакаме да имаме! Познавајки ги жртвите и искушенијата од нашата историја и македонската борба за слобода и правда, ние денес, многу полесно ги прифаќаме сите клевети и обвиненија, сите обвинувања кои ги добиваме заради нашата посветеност и љубов кон Македонија. И велиме, да ние сме виновни за секој споменик на македонски херој од сите епохи на борбата, виновни сме за секој документарен филм со кој ја откривме вистината за македонските херои, виновни сме дека ја кренавме главата на Македонецот високо, и виновни сме дека градевме држава која чекореше напред, силна и спремна да одговори на секој предизвик, и да преживее и успее во миговите на големи предизвици. И таа наша вина, извинете, но е најголемиот комплимент кој ние можеме да го добиеме! И ние, ќе речам, парафразирајки го Делчев, со чест и со име ја носиме таа вина, порача Груевски од Свечена академија по повод “Денот на Македонската револуционерна борба“.

Патот по кој одиме денес, порача Груевски, е трнлив, тежок и мачен, но исправен пат.

-Патот мора да се изоди бидејќи друг пат нема. Идејата мора да живее бидејќи ако ја нема идејата ќе ја нема ни иднината. Делото мора да трае. ВМРО ќе го издржи и ова бидејќи има света мисија пред себе, ја има Македонија како водилка и инспирација, бидејќи без разлика на се што ќе кажат и ќе ве убедуваат – ако го нема ВМРО ќе ја нема ни Македонија. Живееме во време кога на удар е духот на Македонецот. Нема да те скршат ако те повредат, ако те оцрнат, ако те дискриминираат, ќе те скршат само кога ќе ти го убијат духот и кога ќе ти го убијат духот, ќе ти го убијат и името. Не 100, туку 100.000 од нас прислушувајте, вие не можете да не заплашите, не можете да не натерате да ги свиеме главите и не можете и нема да ја скршите нашата кичма. Нивното досие во кое нас не водат како македонски националисти, алудирајки на шовинисти, е само повторување на една мрачна епоха од минатото, која ние и тоа како ќе ја издржиме и ќе ја совладаме. Ние знаеме дека ние сме само патриоти и родољуби, кои си ја сакаат својата земја и народ и се подготвени на високи ризици во нивна заштита. И немаме ништо против или било што злонамерно кон другите земји и народи. Напротив. Ако мислеа дека со фабрикувани избори и организиран изборен инжињеринг  ќе не поразат, ќе не срозат, и ќе го поразат духот на Македонците, им порачувам дека притаснале на копче кое само не активира да нашиот организам почне да работи со 120 осто капацитет, порача Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика сите, како и сите оние кои подлегнале на пропагандата, да ја видат суштината и големата слика и да се приклучат на ВМРО во оваа тешка битка.

-Битка која само заедно и обединети можеме да ја победиме. Ова не е битка на индивидуалци или лидери. Тоа е минлива категорија, ова е битка на еден народ за опстанок, за идентитетски и економски опстанок. Храброста, патриотизмот, љубовта, самопрегорот ги добиваш од раѓањето па се до формирањето на личноста и карактерот и на нив не влијаат никакви притисоци. Ние со нашиот карактер и нашиот слободарски дух сме се родиле и не ги менуваме по ни една цена. Нивната порив и ниска страст ќе помине. Ова што денес го прават нема да се заборави. Солзите на детето и жената кои го гледаат таткото и мажот како е тепан од разулавена толпа на глутница квазијунаци не ви ги забораваме. Скршените черепи ќе заздрават, ама нема да се заборават. Запалените возила и запалените куќи нема да ги избиршат нашите спомени и нашиот непокор. Одземените покачувања на пензиите ќе ви се паметат. Заканата за укинивање на субвенциите за земјоделецот кој нема да има повисок принос од претходната година, се ваш пораз. Намалената просечна  плата, намалениот извоз, индустриско произвоство, девизни резерви, и севкупно економија, денес го загрижуваат и притискаат народот, но за некое време ќе нагазат на вашите плеќи, нема да се заборави. Лагите кои им ги пласиравте на младите ќе ви се вратат како бумеранг. Сликата како го спуштате македонското знаме, го кинете и поганите вечно ќе е во нашите глави. Вашите пораки за Куманово да се деси и сладострастието во кое уживавте додека херои се збогуваа со најголемиот дар од Бога – животот, вечно ќе звонат во нашите уши. Нема да ви заборавиме што Делчев и Даме, Карев и Александров и Ченто и Кузман, ги правите дека не се бореле за Македонија. Тивкиот плач на таткото кој е скршен затоа што ослободувате убијци на деца ќе пишти во нашата душа. Тие пискотници, крикови, мрачни слики, ќе сведочат за едно мракобесие, и ќе бидат најдобар медиум кој ќе придонесе ова што го прават да не се заборави, и за некое време да се исправи неправдата. Кога неправдата е на сила, единствен одговор е непокорот. И стремежот правдата да се врати. И правдата ќе се врати. Колку и да погрешија, очигледно намерно испровоцирани од кршењето на уставот и законите, од кога се виде дека оваа власт спроведува селективна правда и ослободува најтешки криминалци и убијци, стана јасно дека веќе е бесмислено да се бара одговорност од луѓето кои борејки се за својата земја, поведени од емоциите направија погрешен чекор на 27-ми април. Тие немаат толку мастило за родољубивиот народ од 27 април да го запишат на темните страни на историјата. Не. Тој сентимент, таа емоција, таа на срамен начин испровоцирана реакција која за жал доведе и до неоправдливо насилство во еден дел, но во основа беше длабоко патриотска – не може да ја сквернавите. Македонскиот граѓанин кој чекореше по македонските улици 80 дена со патриотизам, со крената глава и исправена кичма, секогаш ќе биде на светлите страници на македонската историја и ќе сведочи за едно време во кое една генерација рекла НЕ, а тоа е траг кој не се брише, истакна Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека луѓето кои сега се малтретирани по притвори и затвори поради овие случувања, ја имаат поддршката и помошта. Рече дека ќе ја имаат неговата помош и подршка и ќе дојде време кога ќе се осветли и тој дел.

-После секој Илинден, доаѓа нов Илинден. А вие сите ваши криминалци, убијци, дилери на дрога, силувачи, лопови, разбојници да ги ослободите нема да го скршите нашиот дух. Духот на Македонецот е нескршлив. Нескршлив. Тој само може да се зацрвстува. А Македонецот може да станува само посилен. Ова не е битка за власт, ова не е битка на Никола Груевски, јас сум небитен, ова е битка на ВМРО, битка за Македонија. Во животот не можете да одлучите само кога ќе се родите. Се друго е одлука. Ние можевме да одлучиме да не се бориме и за сметка на тоа откажување денеска ќе добивавме пофалби од секаде. Можевме да ја свиткаме кичмата, ама одбивме. Ние не сме тие кои клекнуваат на колена. Ако се бориш може да победиш или да загубиш, ако не се бориш ти уште од старт си загубил. Можел и д-р Христо Татарчев да не го ризикува својот среден и комотен живот и да не ја основа и застане на чело на организацијата, можел и Питу да не оди на Мечкин Камен, Кузман не морал да инспирира споменувајќи ги ВМРО и Илинденците, Делчев, Груев, Александров,  можеле да си бидат само учители а не идеолози и борци на една револуција, на ножот можеле да се предадат, можеле стотиците илјади мажи и жени да си ги вршат секојдневните работи наместо да се борат по полињата и планините. Ама така ќе ја немаше Македонија. Затоа ние нивните наследници, свесно одиме по овој полн со препреки пат, не заради тоа што е едноставно, туку затоа што е пеколно тешко и комплицирано, но и наша обврска истовремено. Ама одиме по овој пат. Вмровски и со подигнато чело, додека дамарот бие. Затоа што идејата мора да живее, а Македонија и Македонецот мора да постојат, истакна Груевски.

Тој на Свечената академија порача дека многу брзо ќе дојдат подобри времиња.

-Тие нема да застанат тука. Ќе има пеколни удари, ќе има и жртви и саможртви. Ама ќе издржиме. Ќе издржиме и ќе победиме. Влогот е голем. Тој влог не е влог на денешницата, тој влог е вклесан во минатото од нашите предци, и ќе биде развиван од нашите деца и внуци во иднината. Тоа е Македонија, тоа е ВМРО. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ. Затоа да ги збиеме редовите. Рамо до рамо, срце до срце, рака за рака. Обединети и единствени ништо не ни можат. Јадрото мора да е цврсто, затоа што ние сме слободни, слободоумни, пркосни, корави и храбри Македонци.Ние сме партија на народот. Секој кој го има ВМРО и Македонија во срцето треба да ја подржи нашата борба. Секој еден е важен. Од секоја генарација, од секоја декада, и оние кои се високо мотивирани, и они кои се чувствуваат запоставени, разочарани, револтирани, демотивирани, и они кои се можеби и оправдано налутени, и оние кои не се налутени. Оние кои сакаат да му наштетат на некој од ВМРО, нека не му наштетуваат на ВМРО. Секој еден е важен! Имаме иста кауза, и таа кауза секогаш се соочувала со предизвици, и секогаш имала противник, и каузата победувала. И оние кои денес не се согласуваат со нас, но го имаат ВМРО во срцето и во душата се важни и значајни, и се добредојдени. Да одработуваме за народот, за државата Македонија, не за некои други интереси. Да ја барама вербата за успех во себе и во другите. Ако ја имаме да ја разбудиме, ако ја немаме да ја создадеме.  Да гледаме напред, да имаме чиста мисла и нескршлив дух, да го имаме поривот за непокор, да го имаме трудот и работата како ориентир и средство за реализација на целите кои ни се заеднички.  Ќе дојдат многу брзо подобри времиња за нашата партија. Верувајте во тоа. ВМРО мора да е силно и единствено, и такво и е потребно на Македонија. Сега повеќе од било кога во нашата модерна историја. И секогаш, секогаш во срцето и во душата, во рационалното и во емотивното, во минатото, сегашноста и иднината, секогаш да ја имаме Македонија на прво место. Сите заедно, старо, младо, машко и женско на нозе се креваме, да ги распееме шумите и горите да ечат за Македонија. Ние се бориме за човечки правдини, нашата борба е света должност, јасно порача Груевски.

 

 

 

23.10.2017 - 14:38

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега