На полноќ се означи крај на изборната кампања: Гласаат затворениците, немоќните и раселените
На полноќ заврши изборната кампања за вториот круг од локалните избори што ќе се одржат утре и започна изборниот молк.
Денеска, ден пред изборите, своето право на глас можат да го остварат лица во казнено-поправните домови и лица кои се во притвор, внатрешно раселени лица, како и немоќните и болни кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.
Ќе гласаат 939 лица во 13 казнено-поправни установи, 1.435 болни, изнемоштени и лица кои се во куќен притвор, како и осум гласачи кои се водат како внатрешно раселени.
Внатрешно раселените лица гласаат во колективните домови и прифатните центри каде што се сместени, болните и немоќните лица во нивните домови, а избирачите кои на денот на гласањето се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор гласаат во местото каде ја издржуваат мерката куќен притвор. Гласањето започнува во седум часот и трае до 19 часот.
Гласањето и денеска и утре на денот на изборите почнува во седум и ќе трае до 19 часот.
Вториот круг од локалните избори ќе се спроведе во 35 општини, на 1.517 избирачки места каде право на глас имаат 833.710 граѓани.
Во скопските општини Бутел, Кисела Вода, Гази Баба, Сарај, Шуто Оризари и Чаир, право на глас имаат 260.194 граѓани, кои ќе гласаат на 387 избирачки места.
Во останатите 29 општини во Македонија во вториот круг можат да гласаат 573.616 граѓани на 1.130 избирачки места.
Во вториот круг учествуваат 70 кандидати за градоначалници.
Првиот круг од изборите се одржа на 15 октомври кога се избраа членовите на советите, градоначалник на Град Скопје и градоначалници на 45 општини.
Ова се шести локални избори во Македонија. Првите локални избори се одржаа во 1990 година, следните во 1996, во 2000, во 2005, во 2009 и последните во 2013 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа