Се гласа на 1517 избирачки места во 35 општини

 

Вториот круг од локалните избори  ќе се одржи денеска во 35 општини, на 1.517 избирачки места каде право на глас имаат 833.710 граѓани.

Во скопските општини Бутел, Кисела Вода, Гази Баба, Сарај, Шуто Оризари и Чаир, право на глас имаат 260.194 граѓани, кои ќе гласаат на 387 избирачки места.

Во останатите 29 општини во Македонија во вториот круг можат да гласаат 573.616 граѓани на 1.130 избирачки места. Во вториот круг учествуваат 70 кандидати за градоначалници. Гласачките места ќе се отворат во 7 часот, а завршувањето на гласањето е во 19 часот. Првиот круг од изборите се одржа на 15 октомври кога се избраа членовите на советите, градоначалник на Град Скопје и градоначалници на 45 општини.

Вчера се гласаше во казнено поправните установи, а гласаа и внатрешно раселените лица , болните и немоќни, но и оние кои се во куќен притвор. Збирно нивната бројка за гласање во вториот круг изнесува 2.382 гласачи. Од ДИК изјавија дека од раните утрински часови гласањето се одвивало мирно и без инциденти. Гласаа 1.435 лица кои како болни или немоќни или лица во куќен притвор доставиле известување до општинските изборни комисии дека сакаат да гласаат во своите домови, 939 лица кои се во затвор или се во притвор и 8 лица кои се внатрешно раселени.

Од Канцеларијата на народниот правобранител информираа дека на ниво на цела држава околу 50 проценти од затворениците и во првиот круг, но и сега не можат да го исполнат своето право на глас од различни причини. На голем дел од овие затвореници во меѓувреме им истекле документите, но постои и отсуство на информираност во затворите за тоа како и каде можат да си ги обноват своите документи.

За вториот круг од локалните избори Државната изборна комисија акредитираше 5.101 домашни и 473 странски набљудувачи, како и 20 странски новинари.

Граѓанската асоцијација МОСТ ќе го следи вториот круг од локалните избори со повеќе од 1.000 набљудувачи. На гласачките места ќе бидат распоредени 910 набљудувачи кои ќе покријат околу 50% од гласачките места во рамките на секоја од оние општини во кои ќе се гласа во недела.

Набљудувачите на МОСТ ќе бидат статични, и во текот на целиот ден ќе го следат процесот на гласање на гласачките места. Покрај тоа, МОСТ ќе има и 45 мобилни тимови, составени од двајца набљудувачи, кои ќе служат за логистичка поддршка на статичните набљудувачи и повремено ќе ги набљудуваат оние места на кои МОСТ нема да распореди статични набљудувачи.

 

 

 

 

29.10.2017 - 09:28

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега