Пронајдено ливче зад параванот - МОСТ регистрираше нерегуларности
На девет гласачки места во општина Тетово имало прекин на електрична енергија, но гласањето не било прекинато, информира на вечерашната завршна прес-конференција Граѓанската асоцијација МОСТ. Дарко Димитриоски нагласи дека станува збор за гласачките места 2080, 2081, 2082, 2083, 2084, 2085, 2086, 2087, 2088, каде околу еден час имало прекин на електричната енергија. Гласањето не било прекинато во овој период, бидејќи имало услови за истото да продолжи. Непочитување на постапката на гласање и реакција од страна на избирачките одбори е забелеажно на гласачкото место 2901, во општина Чаир, каде гласач гласал без претходно да биде проверен во избирачкиот список. По гласањето се увидело дека тој не е запишан во избирачкиот список во ова избирачко место, туку во соседното избирачко место. Била повикана ОИК, направен бил записник, а гласањето било прекинато 15 до 20 минути. Избирачките одбори од двете гласачки места направиле записник за случајот, а гласачкото ливче ќе се смета за важечко. На гласачкото место 887, во село Спанчево, во општина Чешиново-Облешево, на гласач не му било дозволено да гласа, зашто веќе имало потпис на неговото место во избирачкиот список. Била повикана ОИК и бил направен записник. Лицето поднело приговор до ДИК, но ДИК истиот го одби. На гласачкото место 2531/1, во општина Гази Баба, еден гласач гласал иако имал мали траги од невидливото мастило. ИО со седум гласа „за и три гласа „против“ одлучил да му дозволи да гласа и направил записник за случајот. Технички проблеми со изборниот материјал имало во гласачкото место 2509, во општина Гази Баба, каде еден гласач не можел да гласа. На ова гласачко место недостига една страница од избирачкиот список, поради двојно печатење на друга страница од истиот. ИО направил записник за случајот. Златко Димитриоски нагласи оти се забалежани и проблеми предизвикани од неовластени лица Во село Ваташа, општина Кавадарци, пред Спомен домот во кој се сместени гласачките места 0691 и 0692 имало присуство на неовластени лица. Полицијата реагирала и ги отстранила овие лица. Тој додаде дека има и случаи на непочитување на постапката на гласање од страна на гласачи На гласачкото место 2657 во општина Кисела Вода, зад параванот било пронајдено гласачко ливче. ИО го поништил ливчето и направил записник за случајот. За случајот расправаше и ДИК на својата седница и ја потврди одлуката на избирачкиот одбор. На гласачкото место 0673, во општина Кавадарци, гласач го фотографирал гласачкото ливче позади параванот. ИО реагирал, била повикана ОИК и полиција и направен бил записник за случајот. Димитриоски додаде дека МОСТ утре ќе дадат генерална оценка за вториот круг од шестите локални избори во земјава.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа