Тепачки, поткуп и фотографирање на гласачки ливчиња - МВР ги објави сите нерегуларност од вчерашното гласање
Минстерството за внатрешни работи денеска издаде соопштение во кое ги објави сите нерегуларности направени на вчерашното гласање, во сите гласачки места низ Македонија, од 7 часот, па се до нивното затворање. Министерството соопшти дека евидентирале вкупно 28 настани за кои сѐ уште се прземаат мерки за нивно расчистување. Вкупниот број на нерегуларности од вчера изнесува 37.
Притоа, констатирани се шест прекршоци, а за два случаи кои имаат кривично-правни елементи се постапува во координација со надлежното ОЈО.
По однос на двата случаи кои што се класифицирани како кривично-правни настани, во првиот случај, вчера, од страна на СВР Скопје беше приведен 27-годишниот С.Ф. од Скопје којшто утрото околу 09,15 часот во населбата Шуто Оризари со неговото патничко возило го пресретнал оштетениот Р.И. и веднаш почнал да му упатува сериозни закани по животот, по што физички го нападнал удирајќи го со боксови во пределот на главата. Потоа од возилото извадил дрвена палка со која го нападнал оштетениот удирајќи го неколку пати во пределот телото и главата. СВР Скопје во координација со ОЈО Скопје презема мерки за целосно расчистување на настанот.
За вториот настан, пак, во врска со пријавата од страна на полициски службеник за вршење поткуп на гласачи на ул. “Максут Садик“ во Скопје, поради сомнение за кривично дело “поткуп при избори и гласање“ приведени се Б.И. (46) и С.А. (24). СВР Скопје во соработка со ОЈО Скопје презема мерки за целосно расчистување на настанот.
По однос пак на сторени прекршоци, изготвени се пет записници за констатиран прекршок согласно чл.190 ст.2 од Изборниот законик – “користење на мобилен телефон или апарат за сликање на гласачко ливче“ од кои три на подрачјето на СВР Скопје и по еден на подрачјето на СВР Штип и на СВР Велес: Д.Н. (45) на гласачко место во ОУ “26 Јули“ во Скопје, К.Ф. (19) на гласачко место во месна заедница “Црниче“, Е.О. (24) на гласачко место во ОУ “Васил Главинов во Скопје, И.А. (34) на гласачко место во ОУ “Гоце Делчев“ во Кавадарци, и М.Г. (22) на гласачко место во село Дулица, општина Македонска Каменица.
Исто така, земен е записник за примање на пријава согласно член 4 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир – “карање, викање, дрско и недолично однесување“ против лицето О.Р. активист на политичката партија кој во с.Батинци упатувал закани и удирал со рака во возило во кое бил А.С. кандидат за градоначалник од друга политичка партија.
По превземени мерки во врска со пријавени настани за нарушување на изборниот процес отфрлени се 15 пријави. На подрачјето на СВР Скопје се осум настани (шест за агитирање и по една закана и собирање на граѓани), потоа по две на подрачје на СВР Велес (двете за поткуп при гласање) и СВР Штип (поткуп при избори и гласање, повреда на право на определување на гласачи, и фотографирање на избирачко ливче) и по еден настан за агитирање на подрачјата на СВР Куманово, СВР Тетово и СВР Охрид.
Инаку, за пет настани (на подрачјата на СВР Штип, СВР Скопје, СВР Охрид и СВР Тетово) се уште се преземаат мерки за нивно расчистување, а се работи за следните настани: пријава од градоначалникот на општина Штип за организирано носење на гласачи на гласачки места и непрофесионално однесување на полициски службеници; потоа за гласач којшто се потпишал во регистарот за гласачи со црвено пенкало; за снимање на дом со мобилен телефон од страна на симпатизери на политичката партија; за упатување закани по телефон на член на избирачки одбор.
Во врска со состојбите за време на предизборниот молк регистрирани се девет настани и тоа шест на подрачјето на СВР Скопје, два на подрачје на полициската станица во Струга и еден на подрачје на СВР Тетово. На подрачје на СВР Скопје регистрирани се два настани кои се однесуваат на сликање на кочан со гласачки ливчиња, и по едно фотографирање на гласачко ливче, испишан графит во училиште, пронајдени флаери и поставен банер. Во врска со настанот на испишан графит, по преземени мерки од страна на вработен во училиштето графитот е избришан.
За едниот случај на фотографирање на гласачко ливче известен е Јавен обвинител, има елементи на кривично дело и ќе следи соодветен поднесок. На подрачје на СВР Тетово, регистриран е настан кој се однесува на извршено гласање спротивно на волјата на гласачот, за што ќе следат дополнителни проверки за целосно документирање на настанот.
На подрачјето на СВР Охрид, односно Полициската станица во Струга регистрирани се два случаи на “фрлени летоци“ на подрачје на с.Мислешево.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа