Коцијанчич: Локалните избори во Македонија им даваат чист мандат на новите градоначалници
Локалните избори во Македонија им даваат чист мандат на новите градоначалници и советници за тоа како граѓаните сакаат да изгледаат локалните власти во нивните општини, оцени денеска портпаролката на Европската комисија (ЕК) Маја Коцијанчич во писмената изјава објавена на веб страната на ЕК.
Според неа, акцентот сега треба да се стави на придвижување на реформската агенда насочена кон ЕУ преку инклузивен процес, во интерес на сите граѓани.
- Изборите беа набљудувани од страна на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР која во својата првична изјава оцени дека двата круга беа конкурентни преку почитување на основните слободи, иако беа забележани одредени слабости, вели Коцијанчич
Нагласува дека сите чинители во државава треба да ги спроведат препораките дадени од страна на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР, со што ќе им се овозможи на државните институции да ги зајакнат своите капацитети пред следниот изборен циклус. За оваа цел, нагласува таа, Европската унија е подготвена да понуди поддршка.
Забелешките и жалбите од учесниците на изборите, според Коцијанчич, треба да се насочат кон релевантните национални институции согласно установените процедури и во рамките на законските рокови. - Важно е сите лидери да се однесуваат одговорно, за да ја зголемат довербата на граѓаните во државните институции и политичките процеси, порача портпарплката на ЕК.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа