Спасовски: Немам проблем да го погледнам Села во очи
Апсолутно ги отфрлам со индигнација сите наводи, на било кој политичар кој сака да ги инволвира полицајците во изборната кампања, не се вклучува ниту еден полицаец во кампањата на било која политичка партија во Македонија, тврди министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, алудирајќи на забелешките од Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинувањата од Таравари и Села, дека праќал пораки на луѓе да не се среќаваат со, сега веќе избраниот градоначалник на Гостивар, и од Села дека заплашувале гласачи во Струга ги нарече дезинформација.
„Тоа е чиста дезинформација и јас навистина не знам од каде му се наводите дека јас би праќал пораки да не седат со него, тоа не е моја работа“, рече Спасовски за обвинувањата од Таравари.
Додаде дека со ваквите изјави, Села и Груевски бараат оправдување за изборниот пораз.
Спасовски рече дека во владата нема никаков проблем ниту со Села, ниту со Алијансата за Албанците.
„Ние сме партнери, ние направивме коалиција, јавна и транспарентна коалиција и тоа се наши политички одлуки и тука нема замерки зошто сме направиле коалиција или зошто БЕСА и Алијансата за Албанците направиле коалиција“ вели Спасовски.
И покрај објавувањето на коалициите ние оставивме на вољјата на граѓаните, тврди Спасовски и додаде дека „Секој глас на СДСМ и на ДУИ и на другите политички партии е чист како солза на овие избори“.
Спасовски отфрли одговорност на полицијата за бегството на Грујевски и Бошковски, туку ги обвини корумпираните „сваровски судии“.
„Не дозволив јас да ми избегаат, дозволија корумпираните сваровски судии, кои не дозволија да ги приведеме и на тој начин овозможија овие двајца да избегаат од Македонија. Оставија простор и тоа е единствен случај во Македонија, веднаш да не бидат пренесени во притвор, туку им се остави простор да избегаат“, рече Спасовски.
Полицијата беше максимално будна, да не беше немаше да ги пронајде во Солун и да бидат уапсени, додаде Спасовски.
Министерот не гледа загрозување на безбедноста на државата поради информациите кои што ги знаат Грујевски и Бошковски, кои сега се во грчки притвор.
„Што знаат тие знае и македонската јавност, тие многу години ги нарушувале човековите права во Македонија и тоа беше соопштено на јавноста. Тие не работеле во интерес на Македонија, работеле во интерес на група луѓе“, рече Спасовски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа