ВМРО-ДПМНЕ: Извештајот на ОБСЕ е доказ дека е спроведено полнење на кутии со однапред заокружени ливчиња за СДС

 

Дури и ОБСЕ утврди дека има несовпаѓање на 922 места на бројот на лица кои се запишани дека гласале и бројот на изборените гласачки ливчиња во гласачките кутии. Ова е ноторен доказ дека е спроведено полнење на кутии со однапред заокружени ливчиња за СДС со т.н. метод на бугарски воз. ОБСЕ го воочи и нотира овој огромен криминал, но државните институции под палката на СДС и ДИК која е под контрола на власта не реагираат и го премолчуваат изборниот криминал од огромни размери, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

-ДИК се стави во служба на СДС. Криминалните избори се аминувани од ДИК со што Чичаковски станува соочесник во тоа. ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Александар Чичаковски, Претседател  на државната изборна комисија за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353. ст.1 од КЗ. Имено Чичаковски во текот на првиот и вториот изборен круг од локалните избори 2017 година со грубо кршење на законите со умисла ги пречекори границите  на своето службено овластување и овозможи корист на СДС. Чичаковски во својство на претседател на ДИК, не превзеде ништо во насока на поништување на изборите на гласачките места за кои имаше реални докази за извршен бугарски воз, т.е. полнење на кутии со однапред заокружени ливчиња за СДС, истакна Драган Данев и додаде:

 

„До ДИК беа доставени докази и записници кои утврдуваат како гласачки ливчиња од Карпош се најдени во гласачки кутии во Охрид,  а од Врапчиште во Гостивар. Ова е јасен показател за извршен бугарски воз и за систематска акција на полнење на кутии од страна на власта. Овој очигледен изборен криминал беше занемарен од страна на Чичаковски и беше озаконет со недејствувањето на ДИК. Имено ДИК согласно чл.151  е должна со решение да го поништи гласањето доколку истото не е спроведено во согласност со Изборниот законик. Но и покрај законската обврска, Чичаковски иако му беа познати случаите на изборен криминал кои индицираат на спроведен бугарски воз не превзема ниедно дејствие за да го санкционира ваквиот криминал и да ја гарантира објективноста на изборите“.

ДИК, додаде тој, не го поништи ни гласањето ни во ИМ 2657, за каде постојат јасни докази дека е прекршена тајноста на гласањето, за ова биле приложени бројни докази, но ДИК постапи согласно закон и го прекрши чл.151 ст.1 од Изборниот законик.

-Почитувани, ова е со умисла спроведено криминално изборно фалсификување. СДС ги злоупотреби институциите и ДИК , која ја држи преку Чичаковски и изврши брутално кршење на демократијата и волјата на граѓаните. СДС и сите прекршители на законите ќе одговараат за ваквиот криминал врз Македонија и македонските граѓани.

 

 

 

01.11.2017 - 16:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега