ВМРО-ДПМНЕ поднесува кривична пријава за Курто Дудуш поради загрозување на личната и јавната безбедност на граѓаните
СДС ги спроведе најкриминалните избори во независна Македонија, изминативе локални избори беа се само не демократски и фер, смета Оливер Андонов од ВМРО-ДПМНЕ.
Андонов кажа дека СДС и нивните кандидати за градоначалници ја искористија секоја можна прилика да влијаат на изборниот резултат, па дури таа била и нелегална и казнива со закон.
-Еден од еклатантните примери на предизборни манипулации и сторување кривични дела е кандидатот за градоначалник од СДС за општина Шуто Оризари и пратеник во Собранието на Република Македонија, Курто Дудуш. Овој човек со цел да влијае врз одлуката на гласачите во континуитет стори или беше соучесник или пак поттикнувач на повеќе кривични дела. Првото недело кое го направи беше промовирањето на СДС за моќ во државата која ќе одлучува за животот и нормалното функционирање на граѓаните, како и прогласувајќи ја партиската книшка од СДС за закон и документ за влез во сите институции. Понатаму, овој човек ниту збор не изусти за насилството врз неговиот противкандидат на локалните избори, ниту збор на сочувство, хуманистички пристап, а не пак јавна политичка осуда на насилниците. Токму спротивно, Курто Дудуш, како и неговите ментори Заев и Спасовски кои се сликаа со насилниците го поддржа насилството не изустувајќи ниту збор. Својата пирова победа, фалсификувана победа Курто Дудуш ја прослави преку загрозување на личната и јавната безбедност кога неговите поддржувачи со стрелба од огнено оружје ја прославуваа лажната победа. За сето ова иако имаше непобидни факти, документи и сознанија, Спасовски не најде за потребно да ја ангажира полицијата и досега македонската јавност да знае кој тоа ја загрозуваше личната и јавната безбедност на граѓаните и по чија наредба. Како продолжеток на загрозувањето на безбедноста на граѓаните, Курто Дудуш, неовластено поставил сообраќаен знак на скопската обиколница, а го оштетил постојниот, со што предизвикал забуна кај учесниците во сообраќајот и ја загрозил безбедноста во сообраќајот на патиштата, и целото дејствие го фотографирал, како впрочем што се направија само документирање и на претходните кривични дела, а сликите ги објавил на неговиот фејсбук профил, изјави Анднонов.
Андонов праша дали според граѓаните Курто Дудуш е кредибилно лице да биде градоначалник или пратеник, дали човек што си поигрува со безбедноста на граѓаните за остварување на свои лукративни цели има капацитет да води општина?
-Дудуш и нему сличните од СДС се гледаат само себе и нивниот комодитет, додека интересот на граѓаните им е на последен план. Во таа своја намера сесрдно се поддржани од Заев и Спасовски, а во аспект на неказниво однесување и сторување на кривични дела кои ја загрозуваат личната и јавната безбедност на граѓаните во повеќе аспекти. Имајќи ја во предвид тежината на кривичното дело и штетата која можела да се предизвика и е предизвикана во сообраќајот, како и манипулацијата извршена врз гласачите, ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе кривична пријава против Курто Дудуш, за сторено кривично дело Загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средство според чл.298 сст.1 од КЗ на Република Македонија, изјави Андонов.
Тој кажа дека СДС и нивните партиски активисти седнати во државни фотелји извршија редица кривични дела со цел поништување на волјата на народот.
-СДС во текот на овие избори се послужи со редица кривични дела како изборен поткуп, уцени и закани, но и полнење на кутии со методот на бугарски воз, а истото е забележано и од страна на меѓународните набљудувачи ОБСЕ и ОДИХР, работи и факти кои беа премолчени од ДИК и институциите под целосна контрола на СДС. ВМРО-ДПМНЕ ги следеше законските прекршувања и целиот криминал сторен со цел изборна победа на СДС, нерегуларна изборна победа и истиот е нотиран и за истиот се собрани бројни докази, за што ќе следат и низа кривични пријави, од кои една е токму оваа што ја спомнавме денес. ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека секој што го прекршил законот ќе одговара. Одговорност мора да има и ќе има, без разлика што одредени прекршители, односно сторители на кривични дела моментално можеби се заштитени од криминалната власт на СДС, изјави Андонов.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа