Патувај, запознавај, учи – повтори: Младите од Западен Балкан креираат „подобро утре“
Како дел од последната фаза на проектот „РУТ ЗБ6“ (анг. „ROUTE WB6“), промовирајќи ја мобилноста на младите, волонтерството и градењето мир во регионот, креативен и уникатен волонтерски караван, составен од скоро педесет волонтери од проектот „РУТ ЗБ6“, млади новинари на платформата „Хајде“ (српски „HAJDE“) и млади европски амбасадори (анг. „YEA“) од целиот Западен Балкан, го започна своето патување во Подгорица на 9 март 2022 година.
По еднонеделно патување низ регионот, спроведување на волонтерски акции и средби со локалните подружници на РИКО (Регионална канцеларија за младинска соработка), караванот „РУТ ЗБ6“ на четири тркала го заврши своето патување во Тирана, Албанија во понеделник, на 14 март. Во текот на овие седум дена 45 млади луѓе од целиот регион имаа можност да ги посетат Подгорица, Мостар, Сараево, Копаоник, Приштина, Битола и Тирана, поминувајќи 1540 километри пат.
Целта на проектот е, како што велат надлежните рушење на веќе постоечките стереотипи и предрасуди, сплотување на сите млади активисти во заеднички работилници каде ќе имаат можност да ја споделат својата лична приказна и позадина, способности, ставови, проблеми и идеи.
Јелена Гајич, новинарка од платформата „Хајде“ од Србија за Прес24 вели дека можноста да биде дел од овој караван е ретка, но и погодна, за да се научи повеќе за земјите, луѓето и културите кои не опкружуваат.
„Како и од секое ново искуство, така и ова, имавме прилика да учиме за себе и за другите, да се забавуваме, созреваме и некои стереотипи да ги погледнеме од друг агол. Со оглед на тоа дека повеќето млади низ Балканот, горе-долу ги делат истите проблеми, сметам дека соработката меѓу нас е од особено значење. На проекти како овој, важно е да се пристапи со отворен ум и срце, некои размислувања може да се променат, некои и не, но сигурно ќе бидете побогати за едно незаборавно искуство“, изјави новинарката Гајич.
Во оваа авантура, младите имаа можност да ги покажат и своите волонтерски способности. Со такво искуство се соочија во градот Приштина, Косово во волонтерскиот центар „Термокис“ (анг. Termokiss), каде дел од волонтерите ги извалкаа рацете садејќи печурки, а други го набљудуваа и учествуваа во процесот на садење јагоди.
„Волонтирањето за мене е извонредно искуство за споделување на животната приказна со остантите и можност за изучување многу нови работи за другите култури“, одговори за Прес24 Бленд Хaлили, волонтер од Косово, прашан што за него претставува волонтерството.
Без разлика дали ни се допаѓа или не, факт е дека иднината на светот припаѓа на младите. Тие се идните лидери и од особена важност е нивната инволвираност во проекти, кои пак, директно влијаат врз одлуките кои ги носат надлежните власти во една земја.
Ѓорѓи Ристов, Млад европски амбасадор од Северна Македонија за Прес24 потенцира дека треба да се бориме за поголемо вклучувањето на младите во донесувањето на одлуки за различни области во една држава.
„Особено позитивна страна од овој караван е токму фактот што ги обучува младите и им помага, како всушност да имплементираат развој и промена на Западниот Балкан“, кажа Ристов, младиот европски амбасадор.
Да се организа еден ваков караван воопшто не е лесно, објаснуваат организаторите на истиот.
Асистентот на грантови (за проектот „РУТ ЗБ6)“, Марина Јарчевиќ говори за предизвикувачкиот момент при креирање на рутата за караванот.
„Посебна отежнувачка околност беше што 45 млади лица, носители на различни патни исправи, никако заедно како група не можеа да го реализираат патувањето со конкретна рута, поради различните правила на преминување на административните линии. Сепак, ова не го спречи нашиот караван да ги реализира целите. Сигурна сум дека караванот ги зближи учесниците, родени се многу пријателства, а и љубовни врски, што е добар пример за регионот, бидејќи подобрата иднина доаѓа со младите“, истакна Јарчевиќ, асистентот на грантови на проектот, за Прес24.
Учесниците на караванот, раскажаа дека при посетата на секој град, различни партнери на Регионална канцеларија за младинска соработка, подгототвиле активности кои им овозможиле на младите да ја искажат својата креативност, шанса да ја објаснат нивната мисија, прилика гласно да говорат за проблемите со кои се соочуваат во своите локални заедници и како може да се решат.
Викторија Миткова, новинарка од Македонија овој караван го опишува како едно прекрасно искуство.
„Огромна е честа да добиеш шанса да бидеш помеѓу млади луѓе од земјите во Западен Балкан, да се сплотиш со нив, да разменуваш искуства, да научиш нови работи, впрочем да сфатиш колку сте различни, а сепак слични. Запознав нови луѓе со кои и денеска комуницирам, а тоа е мислам она што останува. Остануваат пријателствата и сеќавањата на едно квалитетно поминато време со млади и среќни луѓе. И секако концертот на Малума, да не заборавиме“, изјави новинарката Миткова.
„Патувај, запознавај, учи – повтори“ е краткиот заклучок којшто младите го извлекоа од овој шестдневен караван.
Јан Златан Куленовиќ, директор на програми во РИКО, за Прес24 изјави дека цврсто стои на ставот дека најважно од се’ е инвестирање во младите, доколку сакаме да добиеме „подобро утре“.
„За да Западниот Балкан би имал некоја светла иднина, приоритет мора да биде вложувањето во младите, во нивните вештини, знаење но и интеркултурна компетенција. Тоа се стекнува најдобро кога ќе ги запознаат своите врсници од регионот, нивната култура, историја, ако заедно соработуваат, волонтираат и креираат заеднични проекти и токму такви активности овозможува РИКО“, изјави Куленовиќ за Прес24.
Новинар: Габриела Лескова
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа