АП и АФП предвидуваат победа на Вучиќ - војната во Украина изигра битна улога
Водечките западни новински агенции очекуваат победа на српскиот претседател Александар Вучиќ и неговата СНС, пренесуваат локалните медиуми.
АП пишува дека се формирале долги редици пред избирачките места во Србија, но се очекува на власт да остане владејачката партија која одби да воведе санкции кон Русија поради војната во Украина.
-Предизборните анкети на јавното мислење предвидуваат дека претседателот Александар Вучиќ ќе добие уште еден петгодишен мандат и дека неговата десничарска Српска напредна партија повторно ќе доминира во собранието со 250 пратеници, наведува американската агенција.
Според аналитичарите, опозицијата, сепак, има шанса да победи во Белград, пишува АП, и оценува дека тоа би му задало сериозен удар на децениското неспорно владеење на популистите во Србија.
Француската агенција АФП пишува дека граѓаните на Србија гласале на изборите на кои популистичкиот претседател Александар Вучиќ планира да го продолжи своето десетгодишно владеење, претставувајќи се како гарант на стабилноста во сенка на војната во Украина.
Пренесувајќи ги прогнозите врз основа на последните предизборни анкети, АФП наведува дека Српската напредна партија на Вучиќ од десниот центар на изборите треба да ја потврди неговата доминација во парламентот и дека самиот претседател е на водечка позиција во трката.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа