Започна церемонијата за пуштање во употреба на гасниот интерконектор Грција и Бугарија
Во Националната палата на културата во Софија започна церемонијата за официјално пуштање во употреба на гасниот интерконектор Грција – Бугарија (ИГБ), чиј домаќин е бугарскиот претседател Румен Радев.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, на церемонијата присуствува и претседателот Стево Пендаровски, кој пристигна во салата заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и неговиот бугарски колега Радев. По нив во салата влегоа претседателите на Азербејџан и на Србија, Илхам Алијев и Александар Вучиќ и премиерите на Грција и на Романија, Киријакос Мицотакис и Николае-Јонел Чука.
Форумот го отвори бугарскиот премиер Галаб Донев, кој истакна дека гасоводот меѓу Грција и Бугарија има исклучително сериозна димензија, не само во однос на економиите на Бугарија и Грција, туку и за регионот во целина.
– Гасоводот ги надминува границите на двете соседни земји, бидејќи ќе отвори нови можности во енергетиката на широк регионален план.
Ситуацијата во светот е комплицирана, особено по почетокот на војната во Украина, рече Донев, додавајќи дека Бугарија го поддржува договорот меѓу Азербејџан и ЕУ.
На церемонијата присуствуваат и еврокомесарот за енергетика Кадри Симсон, извршните директори на проектната компанија „ИЦГБ“, Теодора Георгиева и Јоргос Сатлас, како и поранешните претседатели на Бугарија, Петар Стојанов и Георги Парванов.
Интерконекторот е со вкупна должина од 182 километри, од кои на бугарска територија се 140 километри и ги поврзува системите за пренос на гас на Бугарија и Грција, вклучувајќи го и Трансјадранскиот гасовод. Вкупната вредност на гасоводот е над 240 милиони евра, кои ги обезбеди Европската комисијата за претпролетни истражувања во 2010 година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа