ВИДЕО: Хрватската естрада се прости од Масимо Савиќ
Комеморацијата на музичарот Масимо Савиќ се одржа денеска во 11 часот во Хрватскиот народен театар во Загреб.
Бројни пријатели и колеги дојдоа да се простат од легендарниот уметник.
Во предворјето имаше и книга на жалост, во која се запишаа неговите пријатели, колеги, познаници, семејството и обожавателите.
Комеморацијата започна со една од најпопуларните песни на Масимо, „Странец во ноќта“. Вдовицата на Масимо, Ени Кондиќ и ќерката Мирна Савиќ неутешно плачеле, пренесуваат хрватските медиуми. Многу пријатели и семејства дојдоа да му оддадат почит, како Сања Долежал, Алка Вуица, Марко Тоља, Владимир Кочиш Зец, Вана, Влатка Покос, Хусеин Хасанефендиќ, Нина Обљен Коржинек и други.
„По кратка, но херојска борба, нè напушти нашиот татко, сопруг, гордост и љубов, Масимо Савиќ. Иако го напушти овој свет, вечно ќе живее во нашите души, насмеан, топол, силен, полн со љубов и исткаен од уметност. Ќе бидеме твои девојки засекогаш. Ени и Мирна“, објавија сопругата и ќерката на неговата официјална страница.
Погребот на Масимо ќе се изврши во вторник, 3 јануари, во 11 часот на Градските гробишта во Задар. И панихидата и погребот се отворени за секој кој сака уште една шанса да се прости од големиот уметник, соопштија семејството и пријателите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа