Зајкова: Формирање на заеднички Совет за координација на државните позиции на меѓународен план

 

Прашањето за пристапните преговори со ЕУ е суштинско прашање на државата и нѐ засега сите нас како граѓани, смета претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова и додава дека како сега со одложеното дејство на уставните измени, така и претходно, се во консултации со европските партнери пред да се излезе со одреден предлог.

„Не го говориме многу во јавноста, но кога имаме конкретен предлог за кој сме убедени дека постои поддршка, излегуваме и го кажуваме. Уставните измени можат да се случат утре и сметам треба да се случат час поскоро. Она што ние го предлагавме е со широка интерпретација на заклучоците на Советот, во кои не стои децидна обврска да стапат во сила веднаш, во онаа фаза на носење на уставен закон, не на Устав, но на уставен закон, да се стави таа преодна одредба и еве, сите да лобираме. Мене искрено ми е криво што како партии не најдовме за сходно, иако ЛДП предлагаше, да направиме еден Совет од сите партии бидејќи голем дел од партиите членуваме во европските семејства, ние како центристичка партија, има партии и во левите, во десните блокови. Да направиме еден Совет каде што не мора да имаме исти ставови по однос на секојдневните прашања, но ќе имаме координација по однос на позициите на меѓународно ниво и никогаш не е доцна тоа да се формира“, изјави претседателката Зајкова во вчерашното гостување во емисијата Аргумент Плус на ТВ24.

Зајкова додава дека либерал-демократите најчесто добиваат поддршка во нивното европско семејство, затоа што претходно се прават широки консултации, за разлика од „левите“ и од „десните“, на кои малку потешко им оди во тој дел.

„Но, пак ќе напоменам, сите треба да се заложиме и ова прашање да го искористиме за напредок на државата. На државата ѝ е суштински потребно да го започне процесот на преговори по поглавја, да ја стигне Албанија, да оди напред, да ги отвара тие структурни фондови кои носат повеќе пари и проекти за граѓаните и да не се користат повеќе овие прашања за предизборни реторики и за поделба на граѓаните“, посочува Зајкова.

Доколку сите партии се решени за тоа дека приоритет е членството на Македонија во Европската Унија, Зајкова повикува да се остави настрана политиката и да се формира Совет за координација на државните позиции, бидејќи и останатите државите кои што станале членки имале единствена позиција по однос на процесот на евроинтеграции.

„Јас како пратеник можам да правам напори лично, да се залагам и да лобирам да дојдеме до тоа да имаме заеднички консензус бидејќи не може повеќе да размислуваме себично, само за нашите политички кариери или за партиите. Нормално, секоја партија постои за да биде на власт, но мора да мислиме и на државата. Ако државата ја нема, нема да ги има ниту партиите“, заклучува претседателката на ЛДП, Моника Зајкова. 

14.12.2024 - 10:33

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега