Одржана редовната седница на Советот на Народната банка
Советот на Народната банка ја донесе Програмата за работа за 2025 година, со којашто ќе се започне остварувањето на новиот годишен циклус активности и проекти во согласност со законските надлежности и стратегиски области предвидени за следните три години со новиот Стратегиски план на Народната банка. Постојаното следење на современите трендови и практики и натаму е во центарот на вниманието на Народната банка во рамките на редовните активности поврзани со законските надлежности во областите на спроведувањето на монетарната политика, стабилноста на банкарскиот систем, управувањето со девизните резерви, економските истражувања и статистиката, ефикасноста на платниот систем и управувањето со готовината. Предвидените редовни работни процеси и проекти за 2025 година овозможуваат воведување промени во работењето заради зголемување на ефикасноста, квалитетот, транспарентноста и сигурноста, усогласување со новите законски барања и со меѓународните стандарди.
Покрај редовните активности, во Програмата за работа за 2025 година се предвидуваат развојни активности и проекти на коишто Народната банка проактивно ќе работи во рамките на пет стратегиски области. Во рамките на првата стратегиска област Народната банка и натаму е посветена на унапредувањето на централнобанкарските функции заради задржување на стабилноста и градење модерна централна банка. Притоа, акцентот е ставен на унапредувањето на рамката за водење на монетарната политика, истражувачките капацитети, управувањето со девизните резерви и зајакнувањето на стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем, супервизијата, решавањето банки и заштитата на потрошувачите. Народната банка ќе ги поттикнува и во иднина иновациите во платните системи, платежните услуги, користејќи го постојаниот технолошки напредок за подобрување на ефикасноста и безбедноста во финансиските трансакции. Особено внимание ќе им биде посветено на активностите коишто треба да овозможат приклучување на нашата земја во Единствената европска платежна област (СЕПА), што би довело до поевтини, побрзи и поудобни плаќања за компаниите и за граѓаните.
Во рамките на втората стратегиска област, особено внимание се обрнува на иновациите и развивањето нови вештини заради поддршка на дигиталната трансформација, рационализирање на работните процеси, зголемување на ефикасноста во работењето и унапредувањето на знаењето за управување со податоците и аналитичките способности, преку искористување на моќта на најсовремените технологии. Народната банка ќе продолжи со работа на повеќе проекти од областа на статистиката, како што е развивање на интегрираниот систем за статистичко и супервизорскo известување и податочен склад, развивањето интегриран сметководствен систем, дигитализација и автоматизација на трезорското работење, како и развивањето на информатичка технологија преку што централната банка и натаму ќе се трансформира во модерна и агилна институција.
Со програмските активности во третата стратегиска област е нагласена постојаната посветеност на унапредување на транспарентноста и соработката. Едно од клучните места во оваа област го зазема финансиската едукација, насочена кон зголемување на финансиската писменост и вклученоста на населението за што се предвидени повеќе активности. Во Програмата за работа е предвидена и ревизија на Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија на Република Северна Македонија за периодот 2021 ‒ 2025 година, што ќе се направи преку вклучување, односно консултација со сите засегнати страни.
Следејќи го мотото за следните три години, Народната банка во четвртата стратегиска област ќе преземе активности за градење одржлива и зелена економија, зголемување на свесноста за климатските промени и јакнење на сопствените капацитети за справување со предизвиците коишто произлегуваат од овие промени. Програмата предвидува активности, преку коишто продолжува остварувањето на Среднорочниот план на активностите на Народната банка во доменот на управувањето со ризиците поврзани со климатските промени за периодот 2023 − 2025 година. Во тој контекст, се предвидува усвојување на Политиката за одржливост на работењето на Народната банка, како придонес кон градењето одржливо општество. Покрај тоа, активно ќе се работи на процесот на стрес-тестирање за оцена на отпорноста на банкарскиот систем на влијанието на ризиците поврзани со климатските промени, како и постепено активно вклучување на климатските ризици при оцената на профилот на ризик на банките.
Со програмските активности во петтата стратегиска област се вградени аспектите на унапредувањето на внатрешните процеси и отпорноста на глобалните предизвици и закани, како и соодветното управување со финансиските и со нефинансиските ризици, во време на значајни глобални предизвици и променливо окружување. Зајакнувањето на сигурноста на информацискиот систем, отпорноста на киберзакани и обезбедување непрекинатост во работењето во променливото окружување ќе бидат областите на коишто ќе им се посвети особено внимание во текот на 2025 година. Во овие рамки, покрај останатото, се планира започнување на изработка на Стратегијата за киберотпорност 2026 ‒ 2028 година.
Сите планирани активности за 2025 година ќе бидат основа за успешно остварување на визијата на Народната банка, да е препознаена како независна, одговорна, професионална, иновативна и транспарентна институција, којашто со својот интегритет и кредибилитет ја поттикнува и ја гради довербата кај јавноста.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа