Презентиран „крунскиот“ доказ на Обвинителството: На снимката се гледаат Палевски и Велибор Манев

 

На денешното рочиште за убиството на малолетната Вања Жежовска и велешанецот Панче Жежовски, Обвинителството презентираше снимки од „Сејф сити“ и комерцијални објекти кои го покажуваат движењето на возилата Цитроен и Рено пред убиството на Вања, како и возилото Рено кое се враќа само по убиството на девојчето.

На една од снимките, како што објасни обвинителката, се гледаат на возачкото и совозачкото седиште обвинетите Љупчо Палевски и Велибор Манев.

Се презентираа снимки од комерцијални објекти лоцирани на патот кој води од Визбегово кон Горно Оризари и на истите се забележуваат движењата на двете предметни возила од настаните, Рено Кангу и Цитроен на денот на убиството на Вања, притоа во Реното се забележува едно лице, а во Цитроенот има три лица.

Во 7 часот 49 минути и 16 секунди се забележува движењето на Реното, реалното време е 7 часот и 55 минути, а пет секунди по него поминува Цитроенот. Возилата се движат едно по друго, а се забележани од повеќе безбедносни камери, меѓу кои и од објект за стари возила во Визбегово. Возилата се движат во правец кон Горно Оризари. На снимка од камера е забележан и темен густ чад од местото кадешто е запален Цитроенот.

Обвинителството презентираше снимка од двете возила по убиството на Вања, а возилата се движат во нсока каде е запален Цитроенот. Снимката е од пречистителна станица во селото Бразда на 27.11.2023 година во 9 часот и 8 минути реално време. Во 9 часот и 21 минута возилото Рено се враќа по истиот пат, меѓутоа без Цитроенот. 

– Очигледно е дека возилото Цитроен во меѓувреме е запалено, објасни обвинителката. 

По убиството на Вања и палењето на Цитроенот возилото Рено се движи кон Чаир и се враќа пред политичката партија Десна. 

На снимка од камери на „Сејф сити“ на крстосницата меѓу бул. „ Христијан Тодоровски Карпош“ и ул. „Ферид Бајрам“ во возилото се забележуваат две лица на возачко и совозачко седиште.

– Може да се забележи дека возилото го управува Љупчо Палевски, а на совозачкото седиште седи обвинетиот Велибор Манев кој носи џемпер, објасни обвинителката.

На ова приговараше бранителот на Палевски кој истакна дека на снимката не се гледа обвинетиот, како што објасни обвинителката.

Возилото продолжува кон Центар и се движи кон седиштето на политичката партија „Десна“ во близина на Веро Џамбо каде застанува.

03.02.2025 - 14:28

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега