Антикорупциска оформи предмет за Андоновски, министерот кажа дека се гордее со своето семејство
Антикорупциската комисија денеска оформила предмет за министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски откако неговиот татко Љупчо Андоновски стана советник на премиерот Мицкоски, а неговиот брат Игор Андоновски на крајот на ланската година е назначен за началник на најголемиот скопски сектор во тајната служба- Агенција за национална безбедност (АНБ), пренесе телевизија Телма.
Во меѓувреме, министерот за дигитална трансформација во вечерашното гостување на ТВ21 изјави дека е исклучително горд на своето семејство. Тој рече дека СДСМ шири лажни вести и дека на ниту еден начин тоа не е поврзано со неговиот ангажман.
„Ретко имам можност да зборувам за моето семејство, и јас сум горд на моето семејство, особено на она што го имаат изградено моите родители. После 35 години во одбраната на државата, честа беше укажана да биде советник на национална безбедност на премиерот, и тоа е валоризација на она што го има сработено 35 години, и на ниту еден начин не е поврзано со мојот ангажман. Во другиот дел гледам дека СДСМ се вратија назад, и шират лажни вести. Вадењето на имиња и презимиња во јавност се смета за нарушување на нивната безбедност. Мојот брат е магистер за кривично право, 10 години вработен во таа агенција, кој зборува неколку јазици, и сум исклучлително горд, и не напредуваше во кариерата, додека напредуваа луѓе кои вчера беа вработени. Не постои ниту една дамка кон моите родители“, рече Андоновски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа