Министерот за јавна администрација: Заеднички градиме модерна, транспарентна и ефикасна јавна администрација

 

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денес се обрати на состанокот на Секторската работна група за реформа на јавната администрација, на која присуствуваа претставници на Европската Делегација во Република Македонија, СИГМА, РеСПА, амбасадите, како и претставници од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор.

Во своето обраќање, министерот истакна дека реформата на јавната администрација е клучен приоритет за напредокот на земјата кон полноправно членство во Европската Унија. Тој нагласи дека реформата за првпат е формално вклучена како засебна област во Кластерот „Основи“ според новата методологија за пристапни преговори, што дополнително го потенцира нејзиното значење.

„Извештаите на Европската комисија покажуваат умерен напредок, но тие се и сигнал дека мораме уште поинтензивно да продолжиме со реализацијата на реформите“ - рече министерот. 

Особено беше истакнат Извештајот за мониторинг на СИГМА за 2024 година, кој дава јасна слика за постигнатото и за областите што бараат понатамошно унапредување.

Минчев подвлече дека фокусот сега е ставен на ефективна примена на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023–2030, со цел изградба на деполитизирана, професионална и отчетна администрација која ќе нуди квалитетни, брзи и пристапни услуги за сите граѓани и за бизнис заедницата.

Како клучни резултати, министерот ги посочи подготовките на три нови закони – за административни службеници, за вработени во јавниот сектор и за стручно усовршување на административните службеници – кои до крајот на мај ќе бидат доставени до Собранието. Дополнително, се работи и на нови законски решенија за 2025 година, вклучувајќи го Законот за висока раководна служба, нов систем на плати и Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Тој најави и зајакната меѓународна соработка, преку потпишаниот меморандум со Министерството за јавна администрација на Република Словенија, кој ќе овозможи размена на искуства и добри практики.

„Реформите не се цел сами по себе, туку средство за создавање подобро, поправедно и поефикасно општество. Само заедно можеме да изградиме јавна администрација каква што граѓаните навистина заслужуваат“ - истакна министерот, изразувајќи благодарност до сите меѓународни и домашни партнери за поддршката и заедничката работа.

28.04.2025 - 18:51

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега