Петков: Зеленски можеби нема да биде жив во следните 48 часа

 

Петков им го раскажа разговорот на новинарите, на кои им се обрати на маргините на вонредниот самит на ЕУ.

„Тоа беше многу емотивен разговор. Претседателот Зеленски, кој беше во бункер, влезе и рече: ‘Не знам дали ќе ве видам повторно бидејќи сум на (руската) листа за убивање’“.

Украинскиот претседател утрово порача дека неговата земја е оставена сама да се бори со Русија откако Кремљ ја нападна Украина.

„Денеска ги прашав 27-те лидери на Европа дали Украина ќе биде во НАТО, прашав директно. Сите се плашат, не одговараат. А ние не се плашиме, не се плашиме од ништо“, рече Зеленски.

Петков попладнево рече: „Да се наежиш, затоа што овој човек што бара помош и поддршка можеби нема да биде жив во следните 48 часа. Ова ги потресе сите лидери бидејќи едно е жртвите на телевизија да се гледаат како статистика, а друго е да гледате во очи некого за кого е прашање на часови дали ќе преживее“.

Тој рече дека ниту една земја-членка на ЕУ не била вистински подготвена за масовната руска инвазија на Украина.

Снимката од изјавата на рускиот претседател Владимир Путин во која се најавува почетокот на „специјалната воена операција“ во Донбас беше емитувана рано наутро во четвртокот и ги постави целите за „демилитаризација“ и „денацификација“ на Украина додека нејзините лидери ќе бидат изведени пред лицето на наводната правда.

„Уништена третина од украинската армија“

„Ниту еден лидер на ЕУ не очекуваше таков масовен напад“, рече Петков. „Се очекуваше дека руските тенкови ќе влезат во провинциите (Доњецк и Луганск), но никој не очекуваше толку масовен напад со толку многу жртви. Третина од украинската армија веќе е уништена“, подвлече Петков.

„Да имаше делумен упад, можеби ќе наметневме меки мерки. Но со ваков упад, никој на масата не беше за меки мерки. Реков дека Бугарија во еден глас ги поддржува овие мислења, нашите мислења нема да бидат двосмислени“, објасни Петков.

Тој рече дека Бугарија била „доволно храбра“ во притисокот за санкции. „Имаше земји што сакаа мерки поврзани со извозот на нафта, што ние не можеме да си ги дозволиме како земја. Но ние ги поддржавме мерките против луѓето што одлучија за Украина“, рече Петков.

Според неговите зборови, европските санкции несомнено ќе влијаат на големите сектори на руската економија и ќе влијаат на оние што се вклучени во одлуката да го следат патот на агресијата.

Петков, исто така, рече дека руските војници испратени во Украина не биле свесни за операцијата и мислеле дека ова е некаква вежба.

„Младите момци од двете страни умираат поради еден лидер што стои на долгата маса и ги носи одлуките. Овие санкции нема да му наштетат на Путин, но ние не можеме да останеме со скрстени раце“, рече Петков, истакнувајќи дека Русија „апсолутно не е заинтересирана за тоа што го прави Европа“.

Петков го коментираше и бугарскиот министер за одбрана Стефан Јанев, кој еден ден претходно рече дека треба да се избегнува опишување на ситуацијата како „војна“ бидејќи „Путин не го прави тоа“, не треба да се користи „мапа на војната“ и луѓето не треба да се плашат.

Премиерот јасно стави до знаење дека е збунет од коментарите на Јанев, вели Еурактив.

„Каква воена мапа, тие уништија една третина од (украинската) армија, тука единствено што се ниша се проектилите, гранатирани од страна на Руската Федерација врз една независна држава. Не можеме да зборуваме за рамнотежа на силите овде, овие луѓе тукушто ја нападнаа Украина“, рече Петков.

„Ова се случува кога не живееме во демократија. Еден лидер и она што се случува во неговата глава ги одредува животите на луѓето во цела Европа“, додаде тој, истакнувајќи дека разговарал и со својот грчки колега Киријакос Мицотакис за енергетската безбедност на Бугарија бидејќи „грчката гасна врска станува голем проблем“.

Грчка компанија го гради интерконекторот ИГБ (познат и како Стара Загора-Комотини или ИЦГБ). Повеќе од една деценија, бизнисите и политичарите во Софија и Атина даваат оптимистички изјави за интерконекторот ИЦГБ, но изградбата останува недовршена.

25.02.2022 - 17:16

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега