Пицула: Вучиќ не сака во ЕУ, игра свои игри и седи на четири столчиња

 


Србија е највлијателна меѓу земјите кандидати за членство, но не е реално да влезе во Европската унија со сегашното раководство кое седи на четири столчиња, беше речено денеска на прес-конференцијата на социјалдемократските претставници задолжени за проширувањето.

„Мое искрено мислење е дека амбицијата на претседателот Александар Вучиќ не е да се приклучи на Европската унија, бидејќи тоа би значело дека тој и неговата опција мора да ги почитуваат многу строгите правила и стандарди на ЕУ во однос на демократскиот систем, слободата на медиумите, малцинствата и други прашања. Наместо тоа, тој си игра свои игри“, рече Тонино Пицула, известувачот на Европскиот парламент за Србија.

За улогата на проширувањето во актуелниот геополитички контекст Пицула разговараше со белгиската пратеничка Кетлин Ван Бремпт, која е задолжена за проширувањето во пратеничкиот клуб на социјалдемократите, и со известувачот за Албанија, австрискиот пратеник Андреас Шидер. Хрватскиот социјалдемократски претставник рече дека Србија води таканаречена мултивекторска надворешна политика.

„Постојат четири столба на српската надворешна политика – Европската унија, САД, Русија и Кина, и мислам дека не е можно постојано да се седи на четири столчиња. Мислам дека ние не споделуваме вредности и геополитички цели со Кина и Русија во повеќето области, а уште помалку со САД“, рече Пицула.

На прашањето дали Србија може да влезе во Европската унија со сегашното раководство, Пицула одговори негативно, нагласувајќи дека е невозможно да се има амбиција да се завршат преговорите до крајот на 2026 година, како што тврди српското раководство, без радикална промена на позицијата и однесувањето во многу области.

„Но, сакам да бидам целосно јасен, на граѓаните на Србија е да ја изберат владата што ја сакаат, а на институциите на ЕУ е да проценат дали Србија ги исполнува стандардите неопходни за напредок на патот кон членството“, рече Пицула.

Според написите, водачи во пристапниот процес во моментов се Црна Гора и Албанија. Во последните три години Србија не отвори ниту едно поглавје, Северна Македонија е блокирана поради билатерални прашања, а Босна и Херцеговина и Косово се на задната страна. Сепак, Пицула предупредува дека најсилната политичка партија во Црна Гора е во коалиција со просрпската опција, која е отворено против членството на земјата во НАТО и ЕУ.

„Тие се отворена проруска опција и само се преправаат дека сакаат напредок на Црна Гора кон ЕУ“, вели Пицула. Тој додаде и дека српскиот претседател Александар Вучиќ, доколку остане на власт, нема да дозволи Црна Гора да се оддалечи премногу од Србија на патот кон членство во ЕУ.

Десетина земји во моментов го чекаат својот ред за влез во Европската унија, но не треба да се очекува дека сите ќе се приклучат на сегашните 27 одеднаш, посочуваат социјалдемократските претставници. Последното проширување се случи во 2013 година, кога се приклучи Хрватска и ова е најдолгиот период во историјата на проширувањето во кој ниту една земја не се приклучила.

07.04.2025 - 20:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега