Пожари во Грција, се очекува температура над 40 степени, почна евакуација на дел од жителите

 

 

Во Грција беснеат пожари, жештините се огромни. Метеоролозите велат дека најлошото допрва доаѓа, пренесуваат тамошните медиуми.

Високите температури и пожарите се огромен проблем за жителите на Грција, каде пожарникарите мака мачат да ги изгаснат пожарите додека во поголемиот дел од земјата се очекуваат температури и над 40 Целзиусови степени. Голем пожар се уште беснее во националниот парк Дадија, во близина на границата со Турција. Таа е една од најголемите шумски области во Југоисточна Европа.

Уште еден голем пожар беснее на јужната страна на островот Лезбос. Силите на цивилната одбрана наредија евакуација на жителите на селото Ватера. Дополнителни копнени противпожарни единици беа испратени во Лезбос за да помогнат во борбата.

Грчкото државно радио јавува дека помали пожари горат и на полуостровот Пелопонез. Според информациите на припадниците на цивилната заштита, повеќето од 86-те грчки противпожарни авиони и хеликоптери учествуваат во борбата против огнената стихија во различни области во Грција.

Според прогнозите, сушата и високите температури ќе ги зафатат речиси сите делови на Грција во следните неколку дена, создавајќи „совршено тло“ за нови пожари, предупредија грчките метеоролози.

Во централниот дел на Грција температурите во саботата веќе во раните утрински часови достигнаа 38 степени Целзиусови, а попладне термометрите во некои делови од земјата може да покажат вредности и над 40 степени, предупреди грчкиот метеоролошки институт.

На почетокот на следната недела во Грција се очекуваат уште повисоки температури, а метеоролозите велат дека невидениот топлотен бран треба да трае до почетокот на август.

23.07.2022 - 15:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега