Скандал во Србија: Закон за странски агенти предизвика загриженост во САД
Соединетите Американски Држави се длабоко загрижени за импликациите што предложениот закон за странски агенти во Србија би можел да ги има врз демократијата, човековите права и основните слободи, вклучително и слободата на изразување и здружување, се вели во одговорот на Стејт департментот за Радио Слободна Европа.
„Ваквиот закон може да го стесни просторот за дејствување на граѓанското општество, да ги стигматизира граѓанските организации кои работат на подобрување на животот на српските граѓани и да ја попречи работата на независните медиуми кои на јавноста и даваат точни информации“, се вели во одговорот на Стејт департментот.
Се додава дека овие елементи се клучни за сите демократски институции и демократски системи.
Пратениците на Социјалистичкото движење, чиј основач е вицепремиерот на Владата на Србија, Александар Вулин, до Собранието поднесоа предлог-закон за посебен регистар на агенти на странско влијание. Според овој предлог-закон како „агенти“ се сметаат сите здруженија и непрофитни организации кои главно се финансираат или на друг начин се помагаат од странство.
Социјалистичкото движење е помал коалициски партнер на владејачката Српска напредна партија и српскиот претседател Александар Вучиќ.Во вторникот, Вулин оцени дека на Србија ѝ е потребен Закон за посебен регистар на агенти со странско влијание, бидејќи невладините организации се „главниот лост на секоја обоена револуција“ и „секогаш се финансирани од странство“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа