Состанок за иднината на Сирија, но без претставници на новите сириски власти
Министрите за надворешни работи на неколку арапски земји денеска во Јордан се среќаваат со меѓународни претставници за да разговараат за иднината на Сирија, но без присуство на претставници на новите сириски власти.
Јорданското Министерство за надворешни работи соопшти дека целта на средбата е да се истражат начини за поддршка на земјата за време на преодната фаза по падот на долгогодишниот режим на Башар ал Асад. Треба да се разговара како да се гарантира инклузивен политички процес во Сирија, кој ќе ги вклучи сите групи во земјата.
Според јордански извори, на состанокот ќе присуствуваат министрите за надворешни работи на Јордан, Саудиска Арабија, Ирак, Либан, Египет, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Катар. Арапските претставници треба да се сретнат со шефовите на дипломатиите на Турција и САД, Хакан Фидан и Антони Блинкен во градот Акаба.
На состанокот ќе учествува и претставничката на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас, како и специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Геир Педерсен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа