Средба Муцунски - Рајфенштуел: Македонија и Германија ќе го засилат стратешкото партнерство и соработката
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на средба ги прими Михаел Рајфенштуел, директор за Југоисточна Европа, Турција, ОБСЕ и Советот на Европа во Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Во разговорот, Муцунски упати честитки по повод изборот на новата германска Влада, изразувајќи очекување дека стратешкото партнерство и соработката меѓу Северна Македонија и Германија ќе продолжат да се развиваат со засилен интензитет. Притоа беше потенцирана заедничката посветеност кон реализацијата на заедничките приоритети, вклучително и понатамошно унапредување на билатералните односи и економската соработка.
Муцунски изрази благодарност за германската солидарност и поддршка по катастрофалниот пожар во Кочани, како и за понудената помош преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија.
На средбата беше заеднички потврдено одличното ниво на македонско-германските односи, кои се карактеризираат со отворен политички дијалог и активна соработка во повеќе области. Беше нагласена и важноста од континуирана германска поддршка на европската интеграција на Северна Македонија, како и определбата на Владата за спроведување на реформите, и покрај сите предизвици на патот кон полноправно членство во Европската Унија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа