Украина: Подготвени сме да влеземе во ЕУ и НАТО наместо Унгарија
Украина е подготвена да го пополни „секое празно место“ во Европската унија (ЕУ) и НАТО доколку Унгарија одлучи да го повлече членството во тие организации за да се приклучи на блоковите предводени од Русија, соопшти денеска украинското Министерство за надворешни работи.
„Украина би била подготвена да го пополни празното место во ЕУ и НАТО доколку Унгарија одлучи да го напушти во корист на членството во евроазиската Заедница на независни држави или на Организација на Договорот за колективна безбедност“, се наведува во соопштението на украинското Министерство.
Коментирајќи ја изјавата на унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто дека одлуката на Украина да го прекине транзитот на руски гас преку нејзина територија ги зголемила цените, украинското министерство рече дека изјавите се дел од „политички мотивирана информативна кампања насочена кон домашната потрошувачка“, потсетувајќи дека европската Комисијата изјави дека одлуката нема негативно влијание врз енергетската безбедност на ЕУ или потрошувачките цени.
„Единствената причина за предизвиците на европскиот енергетски пазар отсекогаш била Русија“, се вели во соопштението, обвинувајќи ја Москва дека со децении ја користи енергијата како оружје, како и дека уценува и ја поткопува енергетската безбедност. Во соопштението се додава дека Унгарија треба отворено да признае дали нејзин приоритет е зајакнувањето на Русија пред ЕУ и САД.
На 1 јануари истече петгодишниот договор меѓу Москва и Киев за транзит на руски гас преку Украина, по што Украина одби да го продолжи договорот „во интерес на националната безбедност“.
ЕУ ги започна пристапните преговори со Украина во декември 2023 година. Киев поднесе барање за членство во НАТО во септември 2022 година, неколку месеци откако Русија започна „специјална воена операција“ во Украина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа