(ВИДЕО) Илиевски: Скандал во СОЗР, роднини на Томовски дел од тендер вреден 3,5 милиони евра
На повидок е голем роднинско-корупциски скандал поврзан со работата на директорот на СОЗР, Ивица Томовски, објави на прес-конференција потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски.
Како што рече, тендер вреден 3,5 милиони евра добила фирма во која роднина на директорот Томовски станува раководител на подружница од истата фирма во ек на самата тендерска постапка.
„Еве ја целата шема, како парите на граѓаните завршуваат во џебовите на роднините на функционерите од ДПМНЕ. СОЗР, орган во рамките на Владата, склучила договор за обезбедување на државните објекти со компанијата ‘Праеторијан’ ДООЕЛ, вреден 3,5 милиони евра. Огласот за тендерот бил распишан на 10 октомври 2024 година и до тогаш компанијата е во сопственост на Тадеуш Јарчев, а управител е Анета Јарчева. Но, само осум дена подоцна, во ек на огласот, односно на 18 октомври, Власе Танаскоски, роднина на Томовски, влегува во ‘Праеторијан’ ДООЕЛ Скопје. Регистрирана е подружница во Охрид и за нејзин раководител е избран токму роднината на Томовски, Власе Танаскоски. Адресата на подружницата се совпаѓа со седиштето на компанијата ‘Гашо пласт’, чиј сопственик е уште еден близок роднина на истиот функционер“, изјави Илиевски.
Според него, ова е класичен пример за злоупотреба на функцијата и директен конфликт на интереси, а Владата овозможува коруптивни шеми.
СДСМ бара итна реакција од антикорупциската комисија, Јавното обвинителство и сите надлежни институции.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа