ВИДЕО: Страотни сцени - пожарите во Грција излегоа од контрола, еден волонтер го загуби животот

 

Големи пожари беснеат во Грција и во Турција. Во Грција досега загинаа две лица, а во Турција осум.

Волонтер загина вчера во пожар што му се закануваше на најважниот национален парк во Грција, а најмалку 20 лица беа повредени во пожарите во земјата за време на најлошиот топлотен бран во земјата во последните 30 години, пренесуваат локалните медиуми.

Илјадници жители и туристи избегаа од пламените јазици по копно или море.

Во апокалиптичните сцени вечерва и рано утрото, беа евакуираа 1.153 луѓе од крајбрежното село Ливни и плажите на островот Евија, откако пламените јазици на големиот шумски пожар што беснееше со денови ги прекинаа сите други патеки за бегство.

Луѓето држеа бебиња во рацете и носеа постари луѓе на столици, качувајќи се на малите траекти за да избегаат.

Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис утрово ѝ се обрати на нацијата.

„Ги уверувам сите што се погодени од пожарите дека тие се мој приоритет. Целата спалена земја повторно ќе биде пошумена и ќе го смениме пристапот за заштита од поплави и пожари“, рече Мицотакис.

Во грчкиот главен град паѓа пепел, а целиот град мириса на чад. „Затворете ги сите прозори и не излегувајте“, апелираат властите од Атина.

„Ако не успееме да ги ставиме пожарите под контрола, ќе имаме проблем“, изјави заменик гувернерот на атинската област, Василик Кокалис, задолжен за цивилна заштита.

Кокалис додаде дека се уапсени три лица за подметнување на пожарите. Оганот гори на островот Евија, и во близина на Олимпија и Спарта на полуостровот Пелопонез каде што се спроведени масовни евакуации.

08.08.2021 - 11:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега