Вјоса Османи: На Макрон и на Шолц им ги кажав „црвените линии“ на Косово
Претседателката на Косово – Вјоса Османи изјави дека на средбата со францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц им поставила „црвени линии“ над кои, како што вели, Приштина не може да оди.
На синоќешната прес-конференција во Прага, каде што таа учествуваше на самитот на Европската политичка заедница, Османи рече дека на средбата со двајца европски лидери го поставила прашањето за визната либерализација и членството на Косово во Советот на Европа, а се разговарало и за тој дијалог со Белград, пренесува „Коха“.
Османи рече дека „црвените линии“ на Приштина се однесуваат на заштита на, како што наведе, „територијалниот интегритет, суверенитет и уставност“.
Зборувајќи за можното формирање Заедница на српски општини, Вјоса Османи рече дека „алфа и омега на секоја акција“ е уставот на Косово и повтори дека, според одлуката на Уставниот суд во Приштина, таквите механизми не можат да бидат ненационални или да имаат извршни овластувања, пренесува Танјуг.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа