Албанија ангажира американска компанија за борба против кибернапади

 

Албанската влада објави дека ќе ангажира американска компанија за зајакнување на кибербезбедноста.

Одлуката уследи по објавувањето на доверливите лични информации од базата на податоци за вработените во владата минатиот месец.

„Официјална Тирана и Џонс груп интернационал во Вирџинија потпишаа меморандум за разбирање за зајакнување на безбедноста на дигиталните системи“, изјави албанскиот премиер Еди Рама.

Во декември беа обелоденети лични податоци на околу 690.000 луѓе, вклучително и матични броеви и податоци за вработување и заработка од владината база на податоци за лица вработени во јавниот и приватниот сектор. Овие доверливи информации масовно се споделуваат на апликациите.

Поради тој случај уапсени се четири лица, кои подоцна се пуштени од притвор, а покрената е истрага, јавуваат агенциите.

Групата Џонс ја предводи пензионираниот генерал Џејмс Џонс, поранешен советник за национална безбедност на САД и командант на Здружените сили во Европа.

„Американската компанија целосно ќе ги скенира нашите системи за да утврди како тие се изложени на домашни и странски напади“, објасни албанската министерка за инфраструктура Белинда Балаку.

Скандал со протекување на заштитени лични податоци ја погоди Албанија пред парламентарните избори во земјата во април.

 
11.01.2022 - 16:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега