Битиќи: Сериозно се доближувме до просечната плата од 500 евра
Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи денеска во Владата ја промовираше бескаматната кредитна линија „Ковид 4“, во износ од десет милиони евра, како дел од шестиот пакет антикризни мерки.
Како што изјави на прес-конференцијата Битиќи, оваа кредитна линија предвидува грантови до 15.000 евра за фирми од најпогодените сектори – туризам, угостителство, ивент индустрија, приватни здравствени установи, трговци поединци и занаетчии, доколку отворат нови работни места и ги зголемат приходите.
-Воочуваме постепено и стабилно подобрување на економската состојба што се отсликува преку повеќе макроекономски индикатори, повеќе статистички параметри кои укажуваат дека економијата оди во нагорна линија, рече Битиќи.
Тој дополни дека износот на кредитот ќе биде дефиниран во зависност на бројот на вработените и падот на приходите, а роковите за отплата ќе се движат од 36 до 42 месеци со 12 месеци грејс период.
-Во оваа кредитна линија е овозможена и грант компнента до 50 отсто на кредитот доколку корисниците на кредитите ги исполнат потребните услови, а тоа е во 2021 година да имаат пет отсто повеќе вработени во однос на 2020 година и вкупните приходи во 2021 година да се зголемени за 10 отсто во однос на лани, рече Битиќи.
Вицепремиерот посочи дека во последните три месеци се бележи раст на индустриското производство – и тоа во март за 7,6 отсто, во април дури за 46,1 отсто и во мај за 16,5 отсто, во однос на соодветните месеци во 2020 година.
Битиќи истакна и дека меѓународната трговска размена бележи сериозен раст од 41,5 отсто во првите пет месеци од 2021 година, во споредба со истиот период лани, додека извозот расте со стапка над 44 отсто, а покриеноста на увозот со извоз во овој период е 73,7 посто.
Тој истакна и дека според податоците од ДЗС, вкупниот број на вработени изнесува 793.121 лице, додека стапката на невработеност е стабилна и изнесува 16 отсто, а просечната нето плата во април 2021 година изнесува 28,438 денари или над 10 отсто повеќе во однос на април 2020, и, како што рече, сериозно се доближувме до просечната плата од 500 евра.
Вицепремиерот потсети дека Владата досега има донесено шест сета мерки, со вкупно проектирана вредност од околу 1,1 милиијарда евра, како директна помош за справување со последиците од корона кризата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа