Крај на неформалното вработување по 3 децении, Стојаноски најави нов закон за работно ангажирање
Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Бојан Стојаноски по денешната седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика најави донесување на нов закон за работно ангажирање на лица, кој го предложи неговата партија. Тој оцени дека со законот ќе се стави крај на долгогодишната пракса на неформално вработување за првпат по повеќе од три децении.
- Со законот овозможуваме флексибилност, со цел работодавците да можат да пријават лица кои се ангажирани на периодична или сезонска работа, а работниците да ги уживаат сите законски права, вклучувајќи пензиски и здравствени придонеси. Ова креативно законско решение е од особена важност за сезонските работници во земјоделството, угостителството и сервисните дејности. Важно е и за студентите, за средношколците, за само-вработените, за вработените, пензионерите, за земјоделците, рече Стојановски на прес-конференција во Собранието.
Според пратеникот Стојановски, станува збор за квалитетен закон, за кој имало и опфатна јавна расправа. Биле прифатени забелешки од Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување, Министерството за економија и труд, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование како и експерти и невладини организации.
- Подобрувања се вметнати преку 33 амандмани, кои дојдоа од различни партии. Дополнително, оние лица кои ќе бидат пријавени преку овој закон, нема да ги изгубат веќе стекнатите права, како социјална помош, надоместок поради невработеност, семејна и старосна пензија, стипендија или правото на редовно студирање. За непречено спроведување, ја прошируваме надлежноста на Агенцијата за вработување, рече Стојановски.
Тој информираше дека е предвидено е воведување на дигитален регистар и современо софтверско решение што ќе овозможи пријавување на работници преку интернет за само неколку минути.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа