Црна Гора протерува уште четворица руски дипломати

 

Министерството за надворешни работи на Црна Гора соопшти дека прогласило за персона нон грата уште четворица дипломати на Амбасадата на Руската Федерација во Црна Гора, јавуваат агенциите.

„На рускиот амбасадор денеска му беше врачена формална нота за оваа одлука, со која се одредува рок од седум дена за напуштање на територијата на нашата земја“, било напишано во соопштението на МНР на Црна Гора.

Според нив, Министерството ја донело споменатата одлука врз основа на оценката на релевантните безбедносни тела во Црна Гора за активностите на руските дипломати и членот 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи.

Медиумите потсетуваат дека Министерството за надворешни работи на Црна Гора на 4 март прогласи за персона нон грата дипломат од руската амбасада во Подгорица, со рок од 72 часа да ја напушти земјата.

Црногорските медиуми објавија дека се работи за Виктор Антипин.

Причина за протерувањето е „оценката на релевантните безбедносни тела во Црна Гора за активностите на рускиот дипломат, кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи“, пренесуваат тамошните гласила.

07.04.2022 - 19:19

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега